Горан Колев е од земјоделско семејство кое се занимавало и со пчеларство, а Цветанка е градско дете, од Прилеп. По мажењето со Горан пред 19 години, се прилагодила на начинот на живот на своето ново семејство, и не само што се прилагодила туку заедно отишле и чекор понапред или како што самата сака да каже – истовремено и чекор назад, односно, почнале да ѝ се враќаат на традицијата. Од 19 години во брак, веќе 15 се занимаваат со органско пчеларство и се сертифицирани органски производители на наут, уров и просо.
„За да добиеш сертификат како органски производител на земјоделски производи, треба да исполниш одредени услови, пред сѐ, да го напуштиш конвенционалниот начин на обработка на земјоделските култури и да ги прифатиш стандардите и нормите кои се законски пропишани во Република Македонија. Ние како земјоделски производители имаме земја која е земена од државата под концесија и таа земја е со органски сертифкат повеќе од 12 години. Се наоѓа на висорамнината Витачево, на патот кон Кожуф, кадешто е земјата богата со селен, па и овчото сирење од трите овчарски фарми што постојат таму, анализата покажала дека има високо присуство на селен. Ние на таа земја одгледуваме наут, уров и просо. Сите три култури се безглутенски и се на некој начин враќање кон традицијата која постоела кај нас во минатото за одгледување на овие култури кои, за жал, подоцна ги имало сѐ помалку.
Дека порано се садел наут зборува и приказната која сум ја слушнала од повеќе постари луѓе, а секогаш гласи отприлика вака: За време на младотурската револузија, за време на Тиквешкото востание, но и за време на многу други превирања, баба ми секогаш имаше торба со слануток (наут) обесена зад врата и три кози врзани една за друга. Секогаш кога во градот ќе имаше некоја ујдурма, узбуна или зулум, баба ми го земаше торбето, не земаше нас децата, и козите, и одевме да се скриеме во колибата на ритчето Љубаш. Торбето со слануток ни беше единствената храна. Навечер го киснеше во лимено тенџерче, а утрото го јадевме. Секој ден јадевме по една рака за да стаса за што повеќе денови.
Прочитајте го целиот текст на порталот „Арт кујна“.