Со почетокот на новата учебна година, родителите се загрижени за многу работи поврзани со своите деца. Ако станува збор за прваче, се прашуваат како ќе се вклопи во новата средина, дали ќе стекне пријатели, какви ќе бидат неговите оценки, но и коментарите од наставниците.
Сепак, она што најмногу ги загрижува поединци е тоа дали стомачето на нивното дете ќе биде полно за време на часовите поминати во таканаречениот втор дом. Сите родители сакаат нивните најмили да се хранат здраво и навремено, па многумина ги мачи прашањето дали да му подготват нешто од дома, да му стават во ранецот овошје и витамини, или да му дадат пари и да се надеваат дека нема да ги потроши на тостови, благо и сокчиња полни со боја и шеќер.
Плусинфо се обрати до Министерството за образование и наука со цел да утврдиме дали учениците преферираат да се хранат во училиште или да си носат нешто од дома.
– Пред околу две години, кога правевме анализа, истиот податок ни се совпаѓа со оној што е објавен на Државен завод за статистика, дојдовме до заклучок дека од вкупно 364 основни училишта, 74 училишни објекти имаат своја сопствена кујна. Меѓутоа, не значи дека училиштето ја користи таа кујна – ни беше речено од МОН.
Упатен соговорник на Плусинфо појасни оти има училишта каде што има многу мал број деца, па не била потребна кујна. Некаде пак, родителите се изјасниле дека не сакаат да има храна во училиштето, така да не мора да значи дека кујната во училиштето функционира. Поединци сметаат дека е поисплатливо да не работи кујната, ами храна да се набавува од некоја фирма.
– На пример, во едно училиште има 1.500 деца, која кујна би можела да обезбеди оброк за оваа бројка, ако сите се пријават дека сакаат да се хранат во училиште? На некои училишта им е поисплатливо и на родителите да се одбере фирма која ќе ги храни децата преку јавна набавка и таа ќе му дистрибуира секој ден разновидна храна – тврди нашиот соговорник.
Според новиот закон за основно образование, усвоен пред месец и половина, основното училиште, во договор со родителите односно старателите, а согласно прописите од областа на јавните набавки, може за сите ученици да организира најмалку еден оброк во текот на престојот во училиштето.
– Трошоците за оброкот ги плаќа родителот, односно старателот, со исклучок на случаите кога родителот, односно старателот е примател на гарантирана минимална помош, тогаш трошоците за оброкот може да ги надомести основачот. Директорот на основното училиште е должен да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта и за забележаните неправилности да ги извести надлежните служби веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите – појаснија од МОН.
Инспекцискиот надзор за следење на утврдените стандарди за исхраната и за оброците во основните училишта, како што ни рекоа оттаму, го вршат Агенцијата за храна и ветеринарство, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Институт за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, согласно закон.
– Доколку се утврдат неправилности, овие надлежни органи изрекуваат мерки за кои ги известуваат директорот на училиштето, општината, Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат. Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се согласно стандардите за исхраната – додадоа оттаму.