Организаторите на Отвореното првенство на САД се подготвени да ги прекршат правилата, откако ќе ја поканат за учество во турнирот 15-годишната локална тенисерка Кори „Коко“ Гоф. Тинејџерката направи сензација на „Вимблдон“, откако ја отстрани сонародничката Венус Вилијамс, Словенката Полона Херцог, Словачката Магдалена Рибарикова и уште три тенисерки во квалификациите.
Согласно правилата, „Ју Ес опен“ не може да и обезбеди на Гоф „вајлд карта“, бидејќи на 15-годишната тенисерка и следуваат само три покани за учество, а таа веќе ги искористила. Портпаролот на американската тениска асоцијација (УСTA) Крис Видмаер сепак потврди пред „Њујорк Пост“ дека за Гоф ќе биде направен исклучок.
– Ние се надеваме дека ќе ка видиме Коко во главната шема на „Ју-Ес опен“. Таа ги освои срцата на навивачите во нашата земја со настапот на „Вимблдон“. Не толку често се зборува за младите спортистки – истакна Видмаер.
Женската тениска асоцијација (ВTA) во исто време потврди дека нема да протестира против одлуката на УСTA да ги заобиколи правилата.
„Ју Ес Опен“ стартува на 26-ти август.
ФОТО: EPA / ANDY RAIN