Орбан си тера по свое

Мигрантите и натаму се трн во око: за нив, според Орбан, од европскиот буџет не треба да биде даден ниту цент, а приврзаниците на мигрантската политика, поддршка треба да обезбедат од сопствените буџети.

666

Не од вчера, Виктор Орбан, унгарскиот премиер веќе во трет мандат, има имиџ на човек што просто не може да дише ако не му се наврти и спротивстави некому. Латинската Nulla dies sine linea, на очиглед на целиот свет, особено европскиот, тој ја практикува како „Ни ден без кавга“. Изјаснувајќи се за буџетот на Европската Унија за наредните седум години, во едно радиоинтервју, Орбан рече очекува дебатата за буџетот да трае долго и дека мора да биде резултат на европската едногласност.

А тоа значи, како што додава тој – сега уште и осоколен по неодамнешната уверлива изборна победа – дека „сè додека Унгарците не дадат зелено светло, нема да има буџет“, изјава каква што не би си допуштил и некој поголем и поважен од него, па дури и некој популист рамен на него. Мигрантите и натаму се трн во око: за нив, според Орбан, од европскиот буџет не треба да биде даден ниту цент, а приврзаниците на мигрантската политика, поддршка треба да обезбедат од сопствените буџети. Тој уште еднаш повтори дека за неговата земја миграцијата не беше и не е прашање на човековите права, туку прашање на националната безбедност.

Христијанска демократија

Врз темелите на категоричното отфрлање на мигрантската политика, Орбан сега ќе ја гради куќата на христијанската идеологија. Тоа подразбира доближување кон целта за целосна вработеност, подобро функционирање на економијата, пониски даноци и повисоки плати. Семејствата со деца ќе добиваат соодветна поддршка, а вредноста не пензиите ќе се одржува со идеја да пораснат. Орбан, значи, не е за Либерална демократија, таа според него е пропадната, туку за христијанска демократија во која човековото достоинство е на прво месо, слободата е апсолутна вредност, а тука е и вербата во важноста на нацијата. Уште малку мед и масло, како на луѓето на кои им се нудат овие „шеќерчиња“ да не им горчи во устите. Орбан уште и вели дека не е нереално Унгарија до 2030 година да стане една од петте држави, најдобри за живот и работа во Европската Унија. Кој ќе ја дочека 2030-та, ќе раскажува. Она што сега се гледа е дека Орбан во последно време развива интензивни активности со Русија и со Кина, макар што не ги исклучува и соседите: кој ќе соработува со нас, ќе профитира – самоуверен е Орбан.

Кога говори за Европската Унија во 2030-та, Орбан мисли дека дотогаш таа треба да се врати во реалноста и да биде заедница на независни, слободни држави. Што значи: бриселската демократија да излезе од утопијата за создавање на Европска Унија како соединети европски држави.

Орбан, како што веќе е спомнато, порача дека во Унгарија ќе ја врати изворната, традиционална христијанска демократија, со сите нејзини карактеристики и вредности.

Ѓевреци во боја

Орбан, просто, не може да се појави во јавноста, а да не го чепне Сорос. Тој сега „откри“ дека илјадници платени активисти и политичари работат во Брисел на тоа миграцијата да се прогласи за темел на човековите права. Таков однос нема да дозволиме, вели Орбан.

Економските аналитичари гледаат малку поинаку на економскиот „бум“ и на благосостојбата за која зборува Орбан. На „шведската маса“ тие наоѓаат тврди, стари ѓевреци обоени со привлечни пропагандни бои. Официјално, на пример, невработеноста е намалена од 11,4 на 3,8 отсто.

Прикажаните бројки се точни, подвлекуваат аналитичарите, но не треба да се заборави дека голем дел од вложените средства пристигнале од европските фондови, кои се постојана мета на нападите на Орбан. Се укажува, исто така, дека повеќе од 200 илјади Унгарци лани биле вклучени во јавни работи што се толкува како да нашле работа, а дури меѓу 350 од вкупно 730 илјади нови работни места се остварени надвор во Унгарија, во другите земји на Европската Унија.

Кучињата, еден ден, можеби ќе зарипнат од лаење, но и карваните не се неуморни и безгрижни, сосе сите шминки.

Ристо Лазаров

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...