Општина Куманово ги врати спортската сала, градскиот стадион, Соколана и стрелиште

223

 Градскиот стадион, стрелиште, спортската сала и комплексот Соколана од денеска се во владение на општина Куманово.

Градоначалникот Максим Димитриевски и в.д  директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во сопственост на Република Северна Македонија, Хајредин Шпенди денеска потпишаа договор за отстапување на корисничко право на спортско-рекреативниот центар Спортска сала, Градскиот стадион, Градско стрелиште и  спортскиот комплекс Соколана.

Овие објекти и се дадени на Општина Куманово на трајно користење, информираа од општината од каде додаваат дека објектите денеска ги посетиле градоначалникот, директорот на претпријатието и Даниел Димевски, надворешен соработник за прашања во областа на спортот и унапредување на спортот во РС Македонија.

– Општина Куманово подолг временски период водеше иницијатива да си ги врати спортските објекти во сопствена надлежност кои своевремено и припаѓаа за да може да планира инвестиции во објектите, бидејќи како што и самите видовте се наоѓаат во очајна, многу лоша состојба, поради нерасчистени должничко-доверителски односи, склучување договори од страна на субјекти кои не ги исполниле своите обврски. Еден позитивен пример, благодарејќи на директорот на ЈП за стопанисување со спортски објекти и Владата на РСМ, наидовме на разбирање – рече Димитриевски.

Тој потсети дека Соколана веќе е дадена на користење. Општината ќе ги заштити овие објекти, ќе подготви планови за реконструкција, за спортската сала општината веќе подготви проект за кој одвои два милиони денари, а според Димитриевски, има најави од Владата дека во следниот буџет ќе се определат средства за реконструкција на спортската сала.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...