Општина Кисела Вода преговара со компании за помош на опожарените од Народни херои

117

Општина Кисела Вода, во соработка со „Комунална Хигиена“ вчера, спроведе акција за изнесување на кабаст отпад од опожарените станови на семејствата од зградата на ул. Народни Херои, и транспортирање на истиот до „Дрисла“. Во акцијата од опожарените станови се исфрли изгорениот материјал, врати, мебел, итн, со што беа собрани четири камиони кабаст отпад, информира Општината.

– Акцијата е продолжување на активностите на Општината за помош на граѓаните кои беа дел од немилиот настан. Веднаш после пожарот, за секојдневно расчистување на изгорениот материјал од становите, беа ангажирани дванаест до петнаесет сезонски работници, со соодветна опрема, обезбедена од општината, како заштитни маски, ракавици, работнички одела, чизми, лопати, метли и канти. Отпадот беше пренесуван со камион. До вчера собрани се 7.500 тони кабаст отпад, соопшти Општината.

Општината им помага на граѓаните од опожарените станови и во делот со сместувањето.

– Во преговори сме и со повеќе компании од овој дел на градот кои ќе ја покажат својата општествена одговорност и ќе им помогнат на граѓаните кои претрпеа штета откако тие ќе ја достават потребната документација – велат од Општината и апелираат до жители, со цел спречување на немили настани кои придонесуваат до огромни материјални штети и сериозни здравствени и животни загрозувања, превентивно да ја проверат исправноста на електричната инсталација и да ја санираат истата доколку има потреба, како и да стекнат навика за контрола и исклучување на електричните апарати кога не се користат и кога нема никој во домовите.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...