Општина Карпош воведе посебно овластени лица за зголемена безбедност на учениците пред училиштата. Во сите 10 основни училишта, лица од административно – техничкиот кадар ги пречекуваат учениците, секое утро, почнувајќи од првиот училишен ден, во моментите кога сообраќајниот метеж е најголем.
– Овие лица се со посебни обележја, униформа и сообраќаен знак, со цел да бидат видливи и препознатливи за сите учесници во сообраќајот, a делуваат и за време на одморите, како и во моментите кога учениците заминуваат од училиштето. Оваа мерка ќе трае во текот на целата учебна година – информираше Филип Даскаловски, координатор на советничка група на СДСМ во Совет на Општина Карпош.
Во моментов се поставуваат нови „лежечки полицајци” пред училиштата: „Јан Амос Коменски”, „Војдан Чернодрински”, „Братство” и „Димо Хаџи Димов”.
Во Тафталиџе 1 и во Карпош 4 веќе е воведена и ЗОНА 30 пред училиштата и градинките.