Покривање на трошоците во износ од 50 отсто за еден топол оброк дневно и транспорт до домот за лицата од населените места е најновата социјална мерка што денеска на заедничка средба пред беровските пензионери ја презентираше градоначалникот Звонко Пекевски и претседателот на општината Јован Матеничарски.
На покана на претседателот на Здружението на пензионери Васил Механџиски, тие присуствуваа на седницата на која ги презентираа и останатите мерки предвидени во програмите на општината за 2020 година.
– Како една од поважните мерки што ќе се реализира со средства од буџетот во 2020 година е мерката со која се обезбедени трошоците во износ од 50 проценти, за еден топол оброк дневно и транспорт до домот за лицата од населените места. Сметаме дека оваа мерка ќе придонесе за подобар живот на граѓаните, вклучително и пензионерите, рече Пекевски.
Претседателот на Советот додаде дека новата мерка е предвидена во програмата за социјална заштита и е воведена со цел да им се помогне на луѓето од населените места да имаат достапност до топол оброк.
Претходно, општината најави нови мерки и во делот на воспитно-образовниот процес, како поддршка за првачињата и учениците кои ќе се запишаат во прва година во беровската гимназија.