Општина Аеродром ќе ангажира 13 лица за општинско-корисна работа

227

Општина Аеродром денеска објави јавен повик за ангажирање 13 лица, од кои деветмина како образовни и лични асистенти за потребите во основните училишта и четворица помагатели на стари лица.

Сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата општинско-корисна работа во рамките на проектот „Социјални услуги за еднакви можности за сите генерации“ можат да се пријават во Агенцијата за вработување – Центар за вработување Скопје во периодот од 5 до 16 август.

Лицата што ќе бидат избрани ќе бидат ангажирани 20 часа неделно за период од 6 до 9 месеци и ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест. Целта на проектот е овие лица да се стекнат со вештини и постепено да се вклучат на пазарот на труд.

Евидентираните невработени лица што ќе се пријават за учество во програмата „Општинско-корисна работа“ треба да припаѓаат на една од следниве целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години); млади лица до 29 години; лица постари од 50 години; лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок врз основа на невработеност; лица што биле корисници на програмата условен паричен надоместок за средно образование; лица што имале статус на деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; лица со попреченост; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот; родители на три и повеќе деца; родители на деца на улица.

Детални информации за програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во Општина Аеродром кај лицата Билјана Кочоска-Тодоровска и Зорица Јаќимовска, општински координатори за програмата „Општинско-корисна работа“, Агенцијата за вработување – Центар за вработување Скопје кај лицето Шериф Сума, Центар за социјална работа Скопје кај лицето Бисерка Цикарска.

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...