Општествената одговорност на нашите компании

Концептот на општествено одговорно работење не е само минлива работа, туку императив во деловниот свет кој сите компании, порано или подоцна, ќе мораат да го прифатат доколку сакаат да го задржат и унапредат своето место на деловната сцена.

441

Искусните лидери – визионери во деловниот свет се свесни дека моменталниот успех и остварувањето добри резултати во работењето можат да бидат краткорочни, доколку не се развие одредена стратегија за развој. На пазарот мора и да се опстане. Во таа смисла, општествено одговорното работење станува долгорочна, конкурентска предност и услов за опстојување на пазарот, како за големите, така и за малите и средните компании. Затоа, воопшто не е чудно што современите поими од практиката на корпоративното работење, како што се: општествено корисно работење, корпоративна совест, општествени перформанси, одговорно и одржливо работење и други, стануваат дел од стратегијата за корпоративно управување на компаниите.

Ако ги земеме како пример компаниите „Алкалоид“ АД – Скопје, „ЕВН Македонија“ АД – Скопје, „Шпаркасе банка Македонија“ АД – Скопје, „Бетон“ АД – Скопје, „Гранит“ АД – Скопје, „ИГМ Трејд“ АД – Кавадарци, „Витаминка“ АД – Прилеп, НЛБ Банка АД – Скопје од каде што доаѓаат потпретседателите на Стопанската комора на Македонија, ќе видиме дека станува збор на компании кај кои корпоративната општествена одговорност претставува нераскинлив дел од нивното работење, нешто по што секој граѓанин ги препознава.

Корпоративната општествена одговорност на „Алкалоид“ АД – Скопје претставува главен приоритет во оперативната агенда, која вклучува поддршка на талентирани студенти по фармација и медицина, традиционалните хуманитарни акции за опремување Детската клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје, поддршката во ракометот и други спортови, културата и слично.

Такви се и активностите на „ЕВН Македонија“ за подигање на свеста за разумно користење на електричната енергија, заштита на птиците кои имаат живеалишта на електричната мрежа, отстранување опасни материјали од трансформаторските станици, поддршка на настани поврзани со македонската традиција, инвестирање во промоцијата на спортот и здравјето итн.

„Шпаркасе банка Македонија“ низ повеќегодишната традиција ја унапредува сопствената стратегија за корпоративна општествена одговорност, која се развива во рамките на „SPARKASSE LIFE“ платформата, преку поддршка во повеќе сегменти: локална заедница, култура, образование, здравство, спорт, преку кои Банката создава дополнителни вредности за клиентите, вработените, здруженијата, локалната заедница и за заштита на животната средина.

НЛБ Банка АД – Скопје, исто така, е активно вклучена во поддршката на проекти и иницијативи кои придонесуваат кон развојот на спортот, културата, хуманитарната дејност и образованието во земјава, а целите и начелата за општествено корисно работење се интегрирани во деловната политика и стратегијата на Банката. Истото се однесува и за „ИГМ Трејд“, „Гранит“ и „Бетон“, кои, преку бројните општествено корисни активности за заштита на животната средина, справувањето со отпадот и бројните спонзорства и донации во јавните дејности придонесуваат за унапредување и подобрување на целокупниот квалитет на животот во поширокото окружување во кое работат.

Концептот на општествено одговорно работење не е само минлива работа, туку императив во деловниот свет кој сите компании, порано или подоцна, ќе мораат да го прифатат доколку сакаат да го задржат и унапредат своето место на деловната сцена. Со таквото работење, во голема мера се придонесува и за намалување на митото и корупцијата, се учествува во градењето на јавната политика, се влијае кон придржување на важечките прописи, почитување на човековите права и етичките норми.

Доколку секој од нас даде по еден дел од нештото, веројатноста дека ќе се реши одреден проблем е многу поголема отколку тоа да го направиме сами. Општествено корисните активности на компаниите го потврдуваат тоа и во практиката, придонесувајќи активно кон подобрување на севкупното живеење и на поединците, и на семејствата и на пошироката општествена средина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...