Општа распаљотка во маалската берберница

Кога сме веќе кај Тројанскиот коњ, СДСМ често се однесува како Тројански коњ самиот кон себе си. Тоа се одразува најмногу во секојдневното практикување на власта.

1511

Тешко е да се опише разликата во владеењето меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во една реченица, но кога би морале тоа да го направите, еден од можните одговори е следниот: Основната разлика е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ постојано инвестира, а СДСМ ужива во владеењето.

Што значи ова? Националистичкото вемеро е „дил-ориентед“, негува еден корпоративно-мафијашки начин на организирање во партијата и тоа вредно го пресликува и во начинот на владеење со земјата. Организирањето на „внатрепартискиот живот“ е зачинет со окултни елементи и со градење на стриктни хиерархиски структури во кои добитокот секојдневно се дисциплинира со партиските камшици, а потоа им се фрлаат снопови сено и по некоја коцка шеќер. А потоа, државата се изедначува со партијата, партијата со државата. Сите во еден лонец! Лажицата, со која се меша смесата, ја држи само еден човек, а ако некој сака да „испари“ од лонецот, неговите агилни помошници го удираат по глава, додека тие што се подлабоко во лонецот, го влечат „бегалецот“ за глуждови надолу.

Тоа им се прави на генерации партиски солдатески, вредно, систематски и упорно. Тоа е дотолку поуспешно кога на располагање е долготрајна и неограничена моќ врз туѓите пари и институциите во кои прва и последна задача е да се штити интересот на власта, а потоа сѐ друго (ако остане време). Освен користа да се биде во таа партија, се гради и фанатична приврзаност кон тој што е на партискиот престол. Нешто како култ, каде што владее длабока садо-мазохистичка врска меѓу лидерот и стадото. Се разбира, тука е иконографијата и нешто налик на идеологија што, ако се разложи, останува само безумна омраза кон „поинаквите“ и маскулинизмот, со многу турбо-фолк кич. И однос кон земјата како да е туѓа, како да треба да се окупира одново секој ден. Да се исцица што е можно повеќе денеска, како да нема утре.

СДСМ е поинаква приказна. Таму, салонашката ароганција никогаш не умрела. Теренците се потчинети и потценети, иако редовно се тапкаат по рамо. Склоноста да се ужива во власта и да се импровизира е толку очигледна, што боли ако широко ги отворите очите. Затоа е добро да се оди со подзамижани очи. Структурата не е ни од далеку така милитантно-мафијашка како кај претходните. А што се однесува до „идеолошката матрица“, тоа е еден миш-маш од збунетост, рамнодушност, вистински убедени социјалдемократи (малку на број) и латентни националисти. Сите заедно, си уживкаат во придобивките од власта, колку и да трае. Со многу несигурност во смисла „уживај додека можеш, за после ќе се снаоѓаме“… Сето тоа придружено со огромна доза мрзливост, како земјата да лежи на неограничени наоѓалишта на нафта или скапоцени минерали.

ДУИ е политички наследник на УЧК, во многу нешта слична на ВМРО-ДПМНЕ, националистичка група, но со ограничени можности. Лидерот им е бивш маркс-ленинист, мрзлив, спие до доцна. Партијата е секогаш приврзок, секогаш дил-ориентед. Во патолошко-криминална врска со својот претходен газда (Груевски), со нула изгледи да се извлече од канџите на криминалните бизниси од претходното владеење. Не е единствениот, но сигурно е најлакомиот и најдебелиот Тројански коњ во владејачкото мнозинство.

Кога сме веќе кај Тројанскиот коњ, СДСМ често се однесува како Тројански коњ самиот кон себе си. Тоа се одразува најмногу во секојдневното практикување на власта.

Може уште многу да се пишува за овие три партии, но доволна беше првата, една реченица за разликата меѓу нивните манири на владеење. Тоа, пак, на не многу забавен начин се гледа низ медиумскиот и јавниот дискурс.

Начинот на кој се критикуваше во времето на Грујо Серекеш и тоа што го гледаме сега, директно и детално ја илустрира таа разлика. На пример, ако некогаш говорот на омразата беше генериран од еден (владејачки) центар и дистрибуиран преку националните медиуми, а темите и проблемите беа блиндирани (некои и со печат на државна тајна), сега е една општа распаљотка во маалската берберница. За тоа време, прегрупираните партиски солдатески, кои умилкувачки трепкаат под пазувите на новата власт, вредно разменуваат шифрирани пораки во работно време на работните места што сите ги плаќаме. Се знае во чија корист и на чија штета… 

За другите, пак ситни и не толку ситни партиски брбушки, во некоја следна епизода… За тоа време, можеме удобно да се навалиме во фотелјата и да го гледаме водвиљот со Трајко.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...