Оптимизмот на Могерини и Заев во фокусот на грчките медиуми

Ако успееме да најдеме решение во прашањето за името во мај, ќе видите дека има време за сѐ, бидејќи станува збор за правни аспекти кои можат да се решат, објави грчката новинска агенција цитирајќи го Заев.

245

Оптимизмот изразен од Могерини и Заев дека може да се најде решение за името се најде во фокусот на грчките медиуми во извештаите за вчерашната средба на македонскиот премиер со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ и комесарот за проширување.

„Комесарот за проширување ја отвори вратата на Европската унија за ПЈРМ“; „Оптимизам за изнаоѓање решение на името изразија Могерини и Заев“; „Хан: ПЈРМ ја заслужи препораката на ЕУ за почеток на преговори“; „Оптимизам во Брисел за решение на скопското прашање“ се дел од насловите во грчките медиуми, меѓутоа без дополнителни коментари и анализи, туку само со преземен текст од грчката новинска агенција АНА- МПА.

„Оптимизам дека може да се најде решение на прашањето за името изрази високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Федерика Могерини, по средбата во Скопје со премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев. Сепак, шефицата за надворешна политика на ЕУ не сакаше да предвиди каква одлука би можела да се донесе на Самитот на ЕУ на крајот од јуни, во врска со можноста да ѝ се даде на ПЈРМ датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ“, пишува грчката новинска агенција, а во текстот објави и дел од изјавите на Заев и Могерини.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, АНА-МПА го пренесува и коментарот на премиерот Заев во однос на изјавата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервјуто за радиото 247 дека нашата земја, поради краткиот временски период не може на јулскиот самит да стане членка на НАТО.

„Зоран Заев рече дека поканата за членство на неговата земја во НАТО не е поврзана со Самитот на Алијансата и додаде: ако успееме да најдеме решение во прашањето за името во мај, ќе видите дека има време за сѐ, бидејќи станува збор за правни аспекти кои можат да се решат“, објави грчката новинска агенција.

Во посебен текст, пренесен е ставот на комесарот за проширување, Јоханес Хан во однос на безусловната препорака за Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...