Оптимизам во Брисел за ЕУ преговори и поттик да се продолжи со реформите

145

Иако е сѐ уште неизвесно дали земјите членки ќе дадат конечен датум за почеток на преговорите со Македонија, засега во ЕУ владее оптимизам дека целта ќе биде постигната на јунскиот Совет.

По средбите на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, со еврокомесарот Хан и високата претставничка, Федерика Могерини, вчера во Брисел, пораките се охрабрувачки. И двајцата повторно топло го поздравија донесувањето и ратификацијата на „историскиот“ Преспански договор како „инспирација за регионот и пошироко“.

– Могерини ги пофали тековната реформска работа во земјата, потенцирајќи дека треба да продолжи со исто ниво на интензитет, бидејќи одржливи и опипливи реформски резултати се неопходно за да продолжи земјата да напредува во ЕУ процесот на интеграција, соопшти високата претставничка по средбата со Османи.

Вицепремиерот ги информирал своите соговорници во Европската Комисија за реформскиот напредок во Македонија, соопштија двете страни, пред сѐ во областа на независноста на судството, разузнавањето и јавната администрација, трите неопходни реформи за старт на преговори во јуни. Османи ги уверил во ЕК дека земјата ќе продолжи да работи со исто темпо.

На средбата со претставниците на земјите членки во Советот, на ниво на експертската група за Западен Балкан, Османи ги пресретнал сите критики во своето воведно излагање, брифираат дипломатски извори во Брисел. Ниеден претставник на земјите членки не упатил критики кон Османи за време на средбата во Советот, дискусијата била фокусирана на напредокот во реформите и успехот на преспанскиот процес.

Подоцна во текот на денот, вицепремиерот рече дека не гледа со кои аргументи земјите членки би можеле да блокираат или одложат старт на преговори со Македонија на лето.

– Ќе биде тешко да се изнајдат аргументи да се блокира земјата откако го постигна историскиот договор со Грција и испорача сѐ што се бараше од неа – рече Османи вчера одговарајќи на новинарско прашање.

Тој предупреди дека повторно одлагање на датумот во јуни би било “катастрофално“ и за земјата и за целиот регион.

Тој смета дека неиспорачувањето преговори во услови на исполнети реформи и болни компромиси со соседите ќе го поткопа кредибилитетот на европските институции во очите на македонските граѓани, но и дека ќе опадне ентузијазмот за реформите кај сите, за да биде заменет со фрустрација.

– Со години им велиме на граѓаните дека името е прашањето поради кое се блокира, доколку нема преговори ќе има обесхрабрување за реформите – смета Бујар Османи.

Последиците би биле значајни и за соседството, оцени тој.

– Зошто било која земја би прифатиле да влезе во тешки компромиси ако на крајот е оставена сама на себе? – праша Османи, алудирајќи на спорот помеѓу Косово и Србија, за кој Европската Унија има надеж дека ќе добие нов поттик откако заврши преспанскиот процес.

Многумина во Брисел стравуваат дека Македонија би можела да биде „жртва“ на Албанија доколку земјите членки одлучат дека е прерано за преговори со Тирана, со оглед на тоа дека и во Европската Комисија и одредени земји инсистираат на пакет Албанија-Македонија за преговори.

Османи потсети дека Албанија треба да биде поддржана во своите европски напори и дека треба да напредува, но потсети на основниот принцип на напредок по заслуга, воведен од Европската Комисија.

– Би било катастрофално ако Северна Македонија биде одбиена после сите компромиси кои ги направи, ниедна земја не смее да биде колатерална штета – рече Османи вчера.

Друг аргумент кој редовно го користи македонската дипломатија во ЕУ е фактот што дел од Преспанскиот договор, во делот кој се однесува на внатрешната примена на новото име, е тесно поврзан со отворањето на преговорите со ЕУ, што би требало, според нив, да биде дополнителен аргумент во полза на земјата.

Вицепремиерот инсистирал и на важната улога која ја игра Македонија во европската борба против „нелегалната миграција“ и контролата врз балканската рута, затворена по бегалската криза во 2015. Тој ги предупредил соговорниците дека  ЕУ не смее да си дозволи „црна дупка“ во Македонија или во регионот, „како што покажа мигрантската криза“.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...