Определување

Соседот прави се за да го отежни, да го доведе до конечен интергалактички апсурд целото „прашање“ и да им го трасира патот на мрачните сили за повторниот dance macabre!

436

Можеби изјаснувањето – низ најавената форма на референдум, ако воопшто и дојде до тоа, нели – за идното име и презиме на државата ќе биде искористено/менаџирано/протолкувано како определување на граѓаните не само за тоа како ќе им се вика државата од утре, или задутре, туку и како отворен повик за изјаснување за нејзината демократска иднина. Или, можеби, како алтернатива, за националистичка и недемократска недефинирана територија со сите обележја на тендерокриминално и клиентелистичко фамилијарно бачило со околу милион и половина овци во трлата, спремни за клање кога малоумните и во многу нешта шизофрени (некои и со тапија, како што веќе напишав) шефови ќе одлучат.

Да, знам дека тој и таков референдум е меч не со две туку со неколку сечила, убиствено остри токму како жилет. И можат да бидат смртоносни за политичарите кои би инсистирале на такво „спојување“ на нештата зашто името, сепак, (велат) е нешто друго, независно и неспоиво со претходно спомнатите „обележја“ на државата. Можеби, иако не сум докрај сигурен во тоа. Плус, соседот прави се за да го отежни, да го доведе до конечен интергалактички апсурд целото „прашање“ и да им го трасира патот на мрачните сили за повторниот dance macabre! На пример госпожата Спираки како европратеничка од Нова демократија, која што нашиве политичари упорно забораваат да ја прашаат на кој јазик смеат а на кој не смеат да говорат. И дали воопшто смеат да говорат, ако таа не одобри, нели!?

Победа на мракот

Бидејќи не сум политичар јас, сепак, безмалу слепо би инсистирал на судбинско-демократско проширување на „темата“. Зашто, впрочем, што ние би правеле со уставното име – кое што, by the way, одамна не е такво – кога државата (повторно) ќе ни се врати во царството на криминалот и корупцијата, на клиентелизмот и малверзациите, на мафијата и уличарењето. Некој, повторно, можеби ќе протестира дека тоа сепак не е исто, ама мислам дека – е. Сто посто! Зашто тоа е, таква е проширената рамка на гласот за статус квото во државава, глас за апстиненцијата од евроатлантските асоцијации и, конечно, потпаѓањето под дебелата источномечкина шепа. Тоа би било, впрочем, и повторно оживотворување на црните сценарија и на аспирациите од минатогодишниот 27 април – конечна победа на силите на мракот над демократијата и слободата.

Велам, сето тоа зависи од (да се надеваме) умните проценки на политичарите на власт: дали изјаснувањето за името е изјаснување и за иднината на земјата. Некој ќе рече – тоа се подразбира! Не сум баш многу сигурен дека јавноста – да не речам народот, именка која што кај нас прерасна во многу дискутабилна категорија – ги подразбира тие две нешта заедно, односно дека ги поврзува значењата на концептите во еден единствен: долгорочната иднина на државата! Затоа и мислам дека тие нешта мора да се поврзат, да се потенцираат, да се разработат верзии во кои што поврзаноста едноставно ќе се објаснува, сликовито, метафорично, пародично… како сакате. Овој народ, таков каков што е (а вие под тоа подразберете што и како сакате!), многу бргу кога ќе се насети можната разрешница, ќе биде подложен на убиствената националистичка артилерија која што ќе го убедува дека „губењето“ на името е катастрофа за државата од епски размери, дека Македонецот едноставно ќе престане да постои во светската историја, дека злите (западни, соросоидни и комуњарски) ѓаволи ќе ги избришат сите траги на нашиот идентитет итн.

Националистички магариња

Речиси точно можам да предвидам, и не само јас, како ќе се одвива анти-кампањата за името и дека во неа ќе бидат впрегнати сите националистички магариња како припомош на „најнационалната“ партија што не „усреќи“ со оное дванаесет години пустош во земјата. Некој можеби ќе се најде навреден од компарацијата со (велат) најтврдоглавото животно, ама мислам дека нашето искуство со „најнационалните“ функционери ни го дава тоа право. Или, попрво, мислам дека токму најтврдоглавото животно би имало аргументи да се чувствува навредено кога би можело да ги прочита сите „достигнувања“ во оваа насока на конкуренцијата!

Но, се разбира, темата воопшто не е шеговита – напротив. Но, шеговитата нота (ќе) доаѓа токму од сегашната опозиција која во таа насока не нуди факти и аргументи туку (со децении) „се вози“ на тенките жици на краткотрајната меморија на народот и, особено, на неговата опсесивна современа (демек) поврзаност со името, заборавајќи ги вековите зад нив и нивната тотална индиферентност (не само) по ова прашање. Оттука, повторно, определувањето ќе биде такво какво што ќе му се понуди на народот или, поточно, кој подобро ќе успее да ги објасни опциите што ни се при рака. А тие се – дијаметрално различни!

Извор: Теодосиевски: За уметноста

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...