Усни опомени се изрекуваат до кавадарчани кои се греат горејќи црн и бел бор, затоа што станува збор за видови дрва кои содржат повеќе смола и загадуваат повеќе од вообичаените што се користат за огрев, за МИА ја потврди Доне Илов, овластен инспектор за животна средина при Општина Кавадарци.
– Тоа што можеме да го направиме, е да ги опомениме. Бидејќи, сепак, четинарските или иглолисни видови дрва, се дозволени за огрев. Им укажуваме на штетноста за воздухот, кога се горат, бидејќи тие загадуваат повеќе од дабот или буката на пример – нагласи Илов.
Поединците кои на ваков начин обезбедувале греење оваа зима, вообичаено се правдале дека немаат друга алтернатива и мораат да горат бел и црн бор, за да се загреат.
Освен за огрев, вакви дрва во најлозарскиот дел на државата, според кавадарчани, се користат и при печење ракија.
Илов, исто така, упати апел доколку може да се користат претежно суви дрва за греење, бидејќи зелените повеќе загадуваат.