Сојузот за Србија, политички блок кој обединува 10 опозициски политички партии и движења, вечерва формално е основан во Белград, со потпишување на договор и усвојување на програма од 30 точки.
Меѓу главните точки на програмата на Сојузот за Србија е создавањето услови за фер избори, борбата против криминалот, противењето на членството на Приштина во ОН, нова економска политика, вработувањето на младите и борбата против сиромаштијата.
Иницијативата за формирање на „Сојузот за Србија“ ја покрена Драган Џилас, а засега членки на Сојузот се Демократска партија (Зоран Лутовац), Народната партија (Вук Јеремиќ), Левица на Србија (Борко Стефановиќ), Здрава Србија (Милан Стаматовиќ), Заедно за Србија (Небојша Зеленовиќ), Синдикатот Слога (Жељко Веселиновиќ); ДВЕРИ (Бошко Обрадовиќ), Движењето за преродба (Јанко Веселиновиќ) и движењето „Татковина“(Славиша Ристиќ).
Во заедничката изјава лидерите на опозицискиот блок наведоа дека се собрале не само за да ја сменат власта која ја предводи претседателот на Србија и на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, туку и за “промена на политиката на понижување на сите граѓани на Србија”.
– Затоа преминавме од зборови на работа и се согласивме околу 30 програмски точки од чие спроведување зависи нормалниот живот на секој граѓанин. Борбата против политиката на сиромаштија спроведена од сегашната влада, слободни избори, независни медиуми, инвестирање во домашната економија, мерки за зголемување на наталитетот и поддршка на семејствата, испитувањето за потеклото на имотот и прашањето за Косово и Метохија. Во сето тоа нема место за нашите идеолошки разлики, што дава надеж дека во Србија може да се случи промена, се вели во соопштението.
Лидерите на овој опозициски блок претходно изјавија дека одлуките во Сојузот ќе бидат усвојувани со консензус, дека нема да имаат еден претседател, туку Претседателство, во кое ќе бидат претставници на сите десет основачи, а претседателот ќе се ротира секој месец по азбучен редослед на имињата на членовите на претседателството.
Како што најавија, покрај Претседателството, ќе има и посебно тело – Конференција за Србија, која ќе работи како консултативно тело на Сојузот, во која ќе можат да го најдат своето место сите партии и движења што подоцна ќе пристапат во блокот.
Во Србија пред 10 дена се формира уште еден опозициски блок- Граѓански блок 381, предводен од Саша Јанковиќ лидер на Движењето на слободни граѓани, во кој влегоа и Зелената еколошка партија – Зелени, Унгарското движење, Коалиција за толеранција (Влашката национална партија, Движење на Војводина, Бошњачката граѓанска партија, Црногорската партија, Толеранција на Србија) и Шумадија регион.