Апсолутно не верував, никогаш, дури ни тогаш!, дека кога и да е’ ќе ги читам фесјбук статусите на криминалецон азилант, уште повеќе дека ќе ги читам со внимание.
Но (и) тоа е апсурдот на македонсково секојдневие – да се бавите со криминалци, со нивните „мисли“ и постапки, со нивните „образложенија“ барајќи начин да разберете што ни/ви се случува, овде но и надвор, како тоа нештата во оваа држава експлодираат до такви димензии да морате да го чуете и гласот на лоповската страна за да потоа се обидете да измерите каде – дали навистина во средината? – е вистинската вистина.
Иако таква, нели, нема, велат поупатените. Ама нека е и така, да ја разбереме барем нашата вистина, лична и поширока, државна? Или тоа е повторно – невозможна мисија, особено во контекстот на лопурдата азилант, неговите помагачи, односот на Европската унија, на НАТО, на таканаречената меѓународна заедница која што буквално ни се качуваше на глава изминативе месеци само за да истера некоја своја намера наречена „европска правда“. Па зошто не ја истера и сега, во однос на криминалецон, туку не’ прави – отворено и најбезобразно – сите нас поголеми вагабонти, недемократи, дури садисти од најновиот им миленик, сега во танцов пар со нивниот „Орбан terrible“?!
Но, поучно е да се прочитаат статусите на криминалецот. Ако не повеќе, ќе осознаете како умешно лаже, иако тоа и не е некоја голема и важна новина, ама во сите негови лаги можеби ќе ви се пристори и некоја вистина, или полувистина, сеедно, на која што се закачил цветот на европскана „демократија“, до толку за да не пушти ни глас против целата парадоксална операција наречена „Операција македонска бараба“. И факт е дека оваа операција веќе од утре ќе се учи во многу сериозни школи, ама ќе се учи, особено на правните школи, и начинот како криминалците можат да поминат неказнето во срцето на демократска Европа, онаа Европа која што божем се крсти во некакви вековни вредности (демократски, културни, образовни …). А паѓа на парите на барабата Груевски! Ваков авантуристички парадокс, ваков шизофрен безобразлук – а за ова нема поблаг израз – Европа нема видено можеби дури од „Аферата Драјфус“ или стрелањето на Мата Хари. А тоа богами било многу, многу одамна. Зошто повторно, и зошто сега?
Ако во спомнатите случаи оваа, или онаа, (дури и во тоа време) демократска Европа судеше и погубуваше поединци кои не и’ беа по ќеф заради етнички, политички и многу други нешта, денес таа осудува цела една држава – држава која што буквално до вчера ја воздигнуваше како борец за демократизација и европски вредности – заради еден криминалец и неговите пари во некоја од нивните строго тајни банки. Зашто, извинете, има некоја, некаква друга причина за целава игра околу барабата? Баш би сакал да слушнам, или (и) тој преку ноќ стана голем демократ и потврден борец за слобода, за правда, а контра (демек) авторитарниот систем во онаа вукојебина наречена „Втората страна“? И за целата операција на оваа и ваква „демократска“ Европа и послужил едикаковси „документ“ од некаква Комисија што ја води една локална будала? Машала! Ако таа и таква Европа така ги решава работите, зарем навистина не мислиме дека е крајно време да размислиме дали местото ни е баш таму?
И не мислам, и не сакам некој да ми припишува којзнае какви „опозициски“ или бојкотирачки аспирации, не дај боже пропутиновски, ама ваквите мисли се наметнуваат сами по себе. Ако оваа земја навистина е таква каква што ја опишува криминалецон, а Европа, низ очите на една нејзина членка, ги прифаќа тие „аргументи“, каков избор ни оставаат? И навистина не го пишувам ова со којзнае каква радост или возбуда, напротив. Уште помалку би сакал да испаднат во право оние грст идиоти кои се гледаат себеси како некакви заштитници на Македонија. Ама, гледајте што навистина ни се случува.
Слушајте / читајте шти вели барабана, и како тоа го интерпретира неговиот пајташ, унгарската бараба! Како близнаци се, богати!!! А со нив и целата Унија, за која случајот „смрди до небо’, ама не прави ништо да ја растера таа смрдеа! Само ќе разменуваат твитови? Ќе остави ли Унијата „случајот“ да и’ смрди директно под носот? Браво. А зошто? Бидејќи ние сме, како што вели избеганиот крминалец, навистина таков проклет режим, попроклет и од неговиот, во кој што тој и нему сличните се политички а не криминално гонети? Ако е така, каде тогаш гледаше таа Европа и нејзините официозуси изминатава година? Или кај нас се случи таков пресврт буквално преку ноќ, а тие беа затечени па сега криминалецот им ги отвора очите?
Но, се разбира, јасно е дека од целава „операција бараба“ штета ќе има само Македонија, а во неа и онака климавите нозе на „Вавилонската блудница“ ќе станат уште поразголени и потенки, засилувајќи ги на тој начин уште повеќе „аргументите“ на происточните пезевенковци.