Оперативците на злото

5520

Уште не се беше ни расчистило местото на вчерашната ужасна трагедија со превртениот автобус на пол пат меѓу Тетово и Скопје, а по социјалните мрежи се појавија некои грозни коментари со ситење за тоа чии се некои од децата кои загинале и како и некои други не се нашле во автобусот со нив, за и тие – или барем нивните блиски! – да ги снашла трагедијата. Се спомнуваат имиња на политичари од власта и нивните семејства, а има и такви умоболства кои со неверојатен зол сарказам ја спомнуваат „иронијата“ на местото на несреќата – Карпалак – што, демек, би требало да претставува некаква „иронична“ историска „компензација“ за оној друг трагичен инцидент во близина на истото место од конфликтот во 2001 година.

„Да го спомнеш Карпалак во овој контекст е – ДИЈАГНОЗА!“, вели во својата реакција една колешка во една вечерна, интерна, групна комуникација за тоа дали треба или не треба на овие луѓе-нелуѓе да им се обрнува медиумско внимание. Повеќето се на став дека болницата во Бардовци, а не медиумите, се адресата за третман на ваквите личности.

Од друга страна, во право се и оние кои тврдат дека темата заслужува поширок третман, бидејќи во изминатите години најчесто од еден ист „центар за ширење политичка омраза“ редовно доаѓаат вакви и слични коментари. Тоа е едно десничарско, национал-шовинистичко друштво од десетина пропаднати новинари, не сосема реализирани универзитетски професори, неколку политичари „во обид“ и троа „културни“ работници кои себеси се доживуваат прикратени од некаква „заслужена“ општествено-политичка промоција и функција, а сè заради победата на либералниот, толерантен општествено-политички модел што се практикува во државата. Тоа е истата дружина (и нивните фејсбук поддржувачи) кои со години го оправдуваа режимот на Груевски и ја исмеваа евро-атлантската ориентација на земјава, правејќи списоци за отстрел, проектирајќи „армирани бетонски плочи“, колнејќи, псуејќи и препорачувајќи разни погани рецепти за справување „до трето колено“ со политичките опоненти.

Сепак, мора нешто сериозно да ви фали во срцето – не само во главата – за да бидете способни овој вид на политичка омраза толку да ви ја помати свеста, па да можете да се подбивате или да се ситите и со вакви трагични сообраќајни несреќи, како вчерашната.

Злото е секогаш банално. Но, овде ја имате „превртената“ формула на прочуената „ајхмановска“ теза на Хана Арент која, во нашата пермутација, би гласела: Дали некој може да биде злобен без да прави зло? (А не, како кај Арент, да прави зло без да биде злобен…) Односно, каква е одговорноста на оние кои повикуваат на зло, а самите, можеби, не би го чинеле?… И чекор понатаму: Можно ли е ваквите злобници кои самите не прават зло, да не се ни свесни за својата одговорност кога некој ќе го спроведе злото што тие јавно го препорачуваат?

За тоа кој сте, јавноста може да ви суди според тоа што го правите. Но, кога тоа што го говорите ви е професијата што ја правите, тогаш и за изговореното јавноста може да ви суди. Ако говорот ви е професија, а говорите зло, тогаш и самиот сте оперативец на злото.

Срам да ви е!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...