Бодликави жици, високи ѕидини, стражари кои од кулите го следат секое движење пред големите железни порти, но и кон нивите и патот кој води кон Штип и Радовиш е првата слика која може да се види пред Затвор-Штип, втората по големина казнено поправна институција во земјава. За оние кои што не знаат, кога се патува од Штип кон Радовиш, од десната страна во близина на штипското село Софилари е располана оваа институција, секој кој патува по овој пат не може да не ја види, бидејќи е опкружена со големи и високи ѕидови, а во ноќните часови е осветлена од сите страни.
На самата врата пред да почнеме со постапката за влез, маж на возраст над 45 години се поздравува со униформирано лице. Делови од разговорот и да не сакаш ќе ги слушнеш, се се случува на растојание од само еден метар. Она што на прв поглед остава впечаток е сјајот во очите на мажот, кој во рацете држе неколку ќеси со облека. Таква бескрајна среќа, радост и надеж, кои ги видовме во неговите очи може да се спореди единствено само со искрената детска радост. Додека двајцата се испраќаат, за екипата на МИА со друг затворски службеник почнува постапката за влез во Затворот, во таков миг нормално е да се праша и да се потврди првиот впечаток дека станува збор за осуденик кој ги напушта овие ѕидини и си заминува дома. Службеникот љубезно и кусо ни одговара дека станува збор за лице, кое од тој миг е слободен човек. Додека заедно одиме пеш кон управната зграда од двете страни се паркирани новите возила за спровод на осудените лице, за кои пред неколку дена директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров на социјалните мрежи објави дека конечно го решиле овој долгогодишен проблем. Неколку години наназад, заради застарените комбиња за спровод се случуваше осудениците да не можат да се транспортираат до судовите, па често се случуваше судиите да ги одложуваат судските рочишта.
– Како новинари и самите знаете дека не еднаш во медиумите е објавувано дека Казнено поправниот дом има проблеми со возилата за спровод на осудените лица до судовите, болниците и другите институции. Меѓутоа овој проблем веќе е решен, најпрвин ни беше обезбедено половно возило од страна на Министерството за правда, три половни возила од страна на Агенција за управување со одземен имот и сега она со коешто можеме да се пофалиме е дека имаме ново специјализирано возило, кое ни е доделено како донација и три возила коишто треба да се адаптират за спровод, зборуваме за три нови возила. Со што проблемот за спровод на осудени лица веќе е надминат и таков проблем повеќе ќе немаме – вели Тодоров.
Новините и дали нешто се работи за да се решат долгогодишните проблеми во оваа инститиција се повод, за да ја посетиме.
Осудените лица вклучени во подобрување на условите
Затворот-Штип наликува на една мала раздвижена населба, во којашто казна затвор отслужуваат околу 200 лица, пред две и пол години, кога функцијата директор ја презема Тодоров во оваа институција биле сместени 340 лица, а капацитетот е само за 210. Законот за амнестија и преместувањето на осудените лица во казнено поправните институции каде што имало слободни места го подиспразнија и полуотвореното и затвореното одделение. Во затвореното одделение се сместени околу 70 осудени лица. Тие во денот имаат само два часа, слободно да се прошетаат во кругот, да го видат Сонцето или синилото на небото над нив. Останатите се во полуотвореното одделение. Во оваа казнено поправна институција се сместуваат осудени лица на кои им е изречена казна затвор од три години до доживотна казна затвор. Во моментов немаат станар со доживотна казна затвор.
Додека со Тодоров го разгледуваме кругот на Затворот, според фасадите на објектите може да се заклучи дека станува збор за понови градби, кои добро се одржуваат. Но, каква е состојбата внатре?
Директорот на штипскиот Затвор вели дека по изградбата и големата реконструкција на просториите, ќелиите, самиците и санитарните јазли пред повеќе од десет години, оттогаш па се до пред две години немало поголеми зафати во нив. Пополека заедно со осудените лица ги прават реконструкции.
– Во делот на реконструкции можам да кажам, да се пофалиме дека не само, ние како Затвор, туку и останатите одиме на принципот на искористување на работна рака од осудени лица, преку редовните тендери за набавка на градежен материјал, а со работна сила на осудените лица, кои се вклучуваат за промени на условите во коишто тие живеат го мениме ликот на затворот. Тоа го покажавме со реновирањето на трите крила во затвореното одделение, осумте простории за осамување, а за коишто во претходниот извештај беа нотирани, како најголем проблем во нашата институција, добија целосно нов изглед. Целосно е реновирано и полуотвореното одделение. Променети се сите живини сијалици со лед светилки. Целосно е реновирано приемното одделение, во делот на спална соба, дневниот претстој и тоалетите – вели Тодоров.
Новина и по она што се разликува од останатите затвори е што штипскиот е првиот кој има игротека за децата на осудените лица. Помош за реализација на овој проект пристигна од Советот на Европа, а по примерот на штипскиот и останатите не само во земјава, туку и во регионот адаптираат вакви простории, во коишто децата на осудените лица ќе можат да го поминат времето додека се во посета на нивниот родител.
Пополека влегуваме во полуотвореното одделение, попат не поздравуваат осудени лица и вработени во Затворот, кои имаат работни активности низ објектот. По скалите се движиме кон просторијата во којашто пред повеќе од две години биле сместени над 20 затвореници, каде што немало елементарни услови за престој. По законот за амнестија, оваа просторија се испразнила, а нејзините станари заминале. Сега во неа се наоаѓа библиотеката. Отворена е лани на 27 септември на Денот на пенолошките работници.
На барање на осудените лица, но и со нивна помош, користејќи го нивното знаење и работна сила оваа просторија е комплетно реновирана, со нови плочки, поправки и бојадисување на ѕидовите, а Агенцијата за извршување на санкции со 65.000 денари помогнала во обзебедување на мебелот и рафтовите за книги. Осуденото лице кое го затекнавме во библиотеката ни појасни дека за библиотеката и издавањето на книгите се грижат двајца , едниот е одговорен за македонските, а вториот за албанските наслови. Над масата во библиотеката висат и листови, на коишто се испишани имиња на институции и личности, кои донираат книги во затворската библиотека. Интерес за читање на книгите има, вели осуденикот. Според него времето во затворот се поминува побрзо со пишаниот збор на познати писатели и поети. Поминувајќи низ ходниците на зградата, Тодоров ни раскажува дека за ова одделение набавени се и 30 единечни маси со клупи и 30 комоди за телевизори.
– Тоа значи дека сите простории во полуотвореното одделение ќе бидат со унифециран мебел. Инвестицијата чини 300.000 денари – вели Тодоров.
Излегувајќи од полуотвореното одделение Тодров ни ја покажува и амбулантата, објаснува дека како Затвор веќе немаат проблеми со здравствениот кадар во амбулантата, а лекарите, стоматологот и медицинските сестри се под ингеренции на Министерствтото за здравство и плата земаат од нивното ресорно министерство.
На еден од ѕидовите во овој круг стои и сандачето во коешто осудените лица можат да пишуваат поплаки, претставки и до Народниот правобранител.
Пекар, готвач, заварувач, бравар идни професии на осудените лица
Осудени за најразлични сторени кривични дела од убиства до тешки и дрски кражби. Секој е со своја животна приказна, пред да влезат во затворот некои од нив имале нормален семеен живот, имале високи функционерски позиции, професори, банкари, лекари, полицајци, занаетчии, студентии, но има и осуденици, кои од најмали нозе ги повторуваат кривичните дела, па за нив затворите стануваат вечни домови.
Еден од осудениците, кој веќе неколку години ја издржува казната затвор раскажува дека денот, часовите и секундите меѓу овие ѕидини тешко поминуваат, ако немаш работен ангажман. Оние коишто сакаат да работат имаат можност. Од вкупно 200 осудени лица, една третина или помалку од 70 се работно ангажирани во Затворот.
– Осудените лица се ангажираат на различни работни задачи, според интересот којшто го имаат и знаењето што го имаат. Тука се нашата затвореничка фарма, нашата економија, кантина, трепезарија, кујна, пекара, работилница, теретана, резбарското одделение и други работни позиции во коишто учествуваат. Оние коишто сакаат да бидат работно ангажирани имаат и бенефити, меѓу кои ќе ги споменам искористување на четири, седум часа слободно време, тука влегува и годишниот одмор, кој е 20 дена во текот на годината. Значи не само што работат имаат и бенефит – вели Тодоров.
За да се увериме, во она што ни го говори, ни ја покажа и затворската кујна, пред чија врата освен што наидовме на лица кои работат во неа, пред неа не пречекаа и неколку мачки и кучиња, за коишто, како домашни миленици се грижат осудениците. Мирисот од неа навестуваше дека за ручек ќе имаат пилешко со ориз. Двајцата осуденици, кои тој ден беа готвачи ни покажаа што се готви во големите печки. Горди се особено на нивните колеги пекари, кои сами го месат и печат лебот, а кој го има препознатливиот вкус на леб, испечен во бабините фурни. Тодоров вели дека оној кој сака да научи одреден занает има можност од нивните инструктори, а во моментов течат обуки за готвачи и пекари.
– Ако зборуваме за оние сертифицирани обуки во моментов тече обука на 20 осудени лица по занимање, во соработка со Министерството за образование и УНДП, а финансирана од Амабасадата на Швајцарија. Овие осудени лица ќе добијат сертификат за готвач и ова е четврти турнос и веќе осумдесет лица се имаат стекнато со вакви сертификати по занимања. Станува збор за пекари, готвачи, аргонзаварувачи и бравари, вели Тодоров.
Прашан дали осудениците, кога излегуваат од Затворот ги користат овие сертификати за вработување и да се вратат во нормален живот, Тодоров со одговор дека за некои од нив има информации дека стекнатото знаење и сертификат го искористиле за вработување пред се во европските земји.
– Она коешто како апел сакам да го упам до сите институции е да се направи поголема соработка меѓу казнено поправниот дом или целиот затворски систем со Центрите за социјални работи и Агенциите за вработување. Постпеналното прифаќање на осудените лица е многу важно, по издржувањето на казна затвор. Треба да се направи одредена промена, бидејќи и по завршувањето на казна затвор треба да се пружи рака на осудените лица. Сами знаете дека Затвор Штип е за осудени лица од три години до доживотна казна затвор, има лица кои се соудени на 10, 15 или 20 години, по што излегуваат од нашата установа и ќе се запрашаме, што понатаму и самите тие се прашуваат што понатаму – рече Тодоров.
Работата на осудениците може да се види и по штипските улици, овие бетонски кошчиња за отпадоци, кои ги има по улиците низ центарот ги изработуваат токму тие, во кругот на затворот. Од оваа институција излегуваат и прекрасни копаничарски дела. Резбите на копаничарот Васе засега ги красат витрините на институциите кои помогаат на затворот, поради немање на законска можност не можат да ги продаваат.
Пречистителна станица за отпадни води приоритет за штипскиот Затвор
Штипскиот Затвор лани реши два големи проблеми во делот на инфраструктурата. Директорот Тодоров презентира дека за оваа институција решен е проблемот со водоснабдувањето со набавка на два електромотори за бунарите, од кои се снабдуваат со вода за пиење.
Со инвестицијата во фотоволотаици се обезбедува и топла вода, а со нивното користење се намалуваат и сметките за потрошената електрична енергија.
Најголемата инвестиција ја очекува оваа година, а тоа е изградба на Пречистителна станица за отпадни води. Проценките се дека станицата ќе чини околу 15 милиони денари или 250.000 евра. Службите ќе ги искористат месеците пред Парламентарните избори, за да ја направат техничката документација, по што ќе ја достават до Владата, по што ќе почнат тендерските постапки.
Фото: МИА