Благоја Георгиевски – Буштур e една од најголемите македонски кошаркарски легенди. Тој синоќа трагично загина во сообраќајна несреќа во 69-та година од животот.
Популарниот Буштур остави силен печат во македонскиот спорт, освојувач е на олимписки медал од ЛОИ 1976, но и бројни медали од европски шампионати со селекцијата на поранешна СФРЈ. Со својот „Работнички“ во сезоната 1975/76 стигна и до полуфиналето во Купот на европските победници на куповите.
Буштур загина на роденденот на неговиот ментор, легендариот Лазар Лечиќ, кој денеска го прославува 81. роденден.Тој минатата година за 80. роденден на Лечиќ беше еден од иницијаторите за основање на големата академија.
– Со ова сакаме да му дадеме признание на Лазар Лечиќ за сѐ што направи за македонската кошарка кошарката и за нас. Остваривме контакти со многу луѓе кои сакавме да дојдат во Скопје. Речиси сите наши покани се од прв момент прифатени и тоа е доказ за белегот што го остави Лечиќ во македонската и југословенската кошарка – рече тога Буштур на настанот на кој присустуваа повеќе кошаркарски легенди.
Благоја својата кариера ја поминал во „Работнички“, клуб кој се натпреварувал во Првата југословенска кошаркарска лига. Со „Работнички“ во сезоната 1975/76, Благоја стигнал до полуфиналето на Купот на победниците на куповите. Во тоа полуфинале, за време на гостувањето кај Чинцано Олимпија Милано, Георгиевски заедно со соиграчот Драган Радосављевиќ добиле труење од храна, резултирајќи со висок пораз на „Работнички“ поради отсуството на Георгиевски – Буштур и слабиот играчки учинок на заболениот Радосављевиќ.
Георгиевски – Буштур бил член на младинската југословенска репрезентација. Со таа репрезентација предводена од Лазар Лечиќ, Благоја ја освоил Балканијадата во Риека во 1970 година. Потоа за време на младинското европско првенство одржано во Атина, Буштур со Југославија го освоил четвртото место на Континентот.
На Европско првенство во 1971 година, кое се одржало во Западна Германија, како член на Југословенската кошаркарска репрезентација Георгиевски освоил сребрен медал. Георгиевски бил учесник на Летните олимписки игри во 1976 година кои се одржале во Монтреал како член на Југословенската кошаркарска репрезентација, каде освоил сребрен медал.
Од богатата биографија на Буштур издвоивме:
– Член на младинска репрезентација на поранешна Југославија со која, под селекторската палка на Лазар Лечиќ, стигна до балканската шампионска титула во 1970 година.
– Полуфинале на Европското младинско првенство 1970 година во Атина.
– Европски вицешампион со репрезентацијата на поранешна СФРЈ на Европското првенство 1971 во Западна Германија.
– Олимписки вицешампион од ЛОИ 1976 во Монтреал што е најголем успех во историјата на еден македонски кошаркар.
По завршувањето на спортска кариера тој извршуваше бројни функции во македонската кошарка:
– Селектор на македонската сениорска репрезентација
– Член на УО на КФМ и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет
– Претседател на Олимпискиот совет при МОК
– Член на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 1997 година
– Амбасадор на Специјалните Олимписки Игри.