Оливер Дерковски, поранешен пратеник и директор за големи даночници обврзници во УЈП и на „Македонски железници“ ќе биде предложен од ВМРО – ДПМНЕ за претседател на ДИК, дознаваме неофицијално од партиски извори.
Според договорот на политичките партии претседателот и двајца членови на ДИК треба да бидат од опозицијата. Владејачките партии ќе предложат потпретседaтел и тројца членови на Државната изборна комисија која ќе има привремен состав со мандат од шест месеци, до наесен кога се планирани суштински измени во Изборниот законик.
Со планираните законски измени, ДИК би функционирала како административно тело, во кое партиите ќе делегираат свои набљудувачи, кои нема да имаат право на глас шест месеци пред редовни избори.
Претходно, беше објавено дека поранешната пратеничка Светлана Карапетрова ќе биде другиот член на ДИК предложена од страна на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, но сепак можно е и тука да се случи измена.
Третиот член од опозицијата ќе биде заеднички, а треба да го договорат Алијансата за Албанците и Беса на Билал Касами.
Познато е дека амбиции да влезат во ДИК која ќе го организира референдумот за договорот со Грција имаат и поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, советникот во Уставниот суд Југослав Миленковиќ и поранешните членови на Комисијата за лустрација Јанакие Витановски и Чедомир Дамјановски, кои се пријавени на огласот.
Очекувањата беа дека ДИК ќе биде избрана до средината на јуни, сепак рокот се пролонгира најверојатно до другата недела. Откако собраниската Комисија за избори и именувања ќе ги утврди кандидатите што ги исполнуваат условите, Собранието ги избира со двотретинско мнозинство.
Привремената ДИК ќе го организира референдумот за договорот со Грција, кој се очекува да биде распишан по Самитот на НАТО, кон средината на јули.