Око за уво, директор за директор!

Штета Сите облици на субверзија и попречување во тоа да се стави ред во одредени структури на безбедноста во државата предизвикуваат огромна штета врз граѓаните кои очекуваа дека повеќе нема да бидат нечии заморчиња, предупредуваат безбедносните експерти.

2492

Директорската фотелја во Оперативно-техничката агенција (ОТА) сѐ уште зјае празна и покрај тоа што, како што неофицијално дознаваме, во неа одамна требало да седне поранешниот директор на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање Силјан Аврамовски.

Причина за одолговлекување на процесот за избор на директор на новата институција, чија задача е да ги елиминира сите можности за незаконско прислушување и следење на комуникациите на граѓаните, брифираат извори од Собранието, претставува инсистирањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на нејзин предлог да биде избран директорот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Кочење и субверзија

Партијата на Христијан Мицкоски во моментов врши класично условување на власта, велат извори од Собранието, кои додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ максимално го искористува Правилникот кој предвидува дека за назначување на прв човек на ОТА е потребно и двотретинско и Бадентерово мнозинство во парламентот. Според нашите соговорници, изборот на директор на ОТА, чиј мандат ќе трае 5 години без право на реизбор, наводно бил условен од опозицијата со барање најпрво да се поништи конкурсот за директор на Државниот завод за ревизија, на кој, пак, се пријавиле вкупно 12 кандидати, но не се пријавило и лицето што го преферирала ВМРО-ДПМНЕ.
Безбедносните експерти сметаат дека одложувањето на изборот на директор на ОТА е апсурдно и, како што појаснуваат, ова прашање требало одамна да биде затворено.
Пензионираниот професор на Факултетот за безбедност, Иван Бабамовски, објаснува дека сите облици на субверзија и попречување да се стави ред во одредени структури на безбедноста во државата предизвикуваат огромна штета врз граѓаните кои очекуваа дека повеќе нема да бидат нечии заморчиња.

– Закочувањето на процесот за избор на директор на ОТА може да предизвика огромна штета и да ги скрати правата на граѓаните за увид во безбедносните структури. Овде се работи за нашите уставни права кои може да бидат нарушени единствено тогаш кога одредено лице претставува потенцијална опасност за безбедноста во државата. Ние сме толку небезбедни што нашиот просечен граѓанин најверојатно би заплакал, доколку би дознал каква му е безбедноста. Едноставно, мора што побрзо и без никакви пречки да се стави ред во македонските безбедносни служби, кои, за жал, веќе подолго време се наоѓаат надвор од секаква контрола – објаснува Бабамовски.

По отворањето на конкурсот за директор на ОТА, најпрво беше кажано дека првиот човек на новата агенција ќе биде избран до крајот на јуни годинава, но и дека во рок од 30 дена од неговото назначување ќе треба да се донесе акт за внатрешната организација и распределба на вработените.

Според планираното, јавниот конкурс за вработените требаше да започне седум дена по изборот на директорот, а целата процедура за ангажирање на персонал беше предвидено да заврши до септември годинава. Требаше да се направи и физичка и техничка адаптација на објектот на ОТА, а од Министерството за внатрешни работи пред една недела убедуваа дека подготовките ќе бидат завршени навреме и дека ОТА ќе почне со работа на први ноември, како што е и законски предвидено.

Страв кај граѓаните

Прекинот на постапката за избор на директор на ОТА се случува во време кога истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сè уште постои страв кај граѓаните од телефонското прислушување.
Резултатите од анкетата што ја спроведе Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од 28 јуни до 15 јули годинава, покажуваат дека дури 45 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека телефонските разговори што секојдневно ги вршат не се безбедни.

Наспроти нив, 34 отсто од испитаниците веруваат дека никој не ги прислушува нивните разговори преку телефон. Повеќе од половина граѓани, пак, сметаат дека во Македонија сè уште не постои владеење на правото, односно 24 отсто сметаат дека воопшто нема владеење на правото, а 29 отсто веруваат дека има само делумно владеење на правото.

Дека во Македонија постои владеење на правото се изјасниле 33 отсто, а од нив 14 отсто сметаат дека тоа е целосно, додека преостанатите 29 отсто сметаат дека тоа е делумно.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прашањето дали луѓето треба да стравуваат кога разговараат на телефон, досега во неколку наврати одговори дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека токму за таа цел, една од првите работи била реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Извор: Слободен печат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...