Активисти за човекови права тврдат дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да ги раздвојува децата од нивните родители на јужната граница со Мексико, што претставува кршење на судската наредба од минатата година.
Повеќе од 900 деца се одделени од издавањето на судската наредба од 2018 година, велат адвокати од Американскиот сојуз за граѓански слободи во судска постапка поднесена во Сан Диего. Тие тврдат дека се повикуваат на податоците на Министерството за правда.
Организацијата бара по судски пат да се утврди дали сите 911 случаи на одвојување дете од родител, регистрирани од 28 јуни 2018 до 29 јуни 2019 година, се оправдани.
Владата може да ги раздели децата само ако нивните родители претставуваат опасност за нив, ако имаат криминално досие, ако извршиле насилство над нив или ако покажуваат негрижа.