Околу 16 илјади Македонци живеат во Венето и Ломбардија, каде коронавирусот изолираше 11 населени места

809

Околу 16 илјади државјани на Северна Македонија живеат во Италија, од кои околу 12 илјади во Венето и околу четири илјади во Ломбардија, двата северни региона во јужната европска земја, во кои има изолација на 11 населени места поради епидемија на коронавирусот.

Ова се статистички податоци од италијанскиот сајт https://www.tuttitalia.it/. Податоците се од 2019 година, а засега нема официјални информации од нашите надлежни органи за состојбата со македонските државјани во овие два италијански региона, каде се воведени вонредни мерки, откако во Италија досега се регистрирани над сто случаи на заразени од корона вирусот, од кои 89 во Ломбардија. Две лица починаа како последица на коронавирусот во оваа јужна европска земја.

– Во Ломбардија се заразени 89 лица, меѓу кои и една млада личност во Валтелина, долина во која се наоѓа популарното скијачко одморалиште – изјави денеска Атило Фонтана, кој го предводи регионот Ломбардија и побара построги граничниу контроли.

Според податоците на сајтот https://www.tuttitalia.it во Венето има 11.736 македонски државјани, а во Венеција, која се наоѓа во овој регион 2.820 државјани на С. Македонија.

Во двата познати италијански града поради коронавирусот денеска беа откажани манифестации кои традиционални се одржуваат во нив.

Властите во Венеција одлучија да го откажат познатиот карневал и сите случувања во градот поради ширење на коронавирусот.

Иако се очекувало присуство на повеќе илјади туристи, кои цела година го чекале карневалот, поради големиот број заболени и две починати лица од новиот вирус, сите настани се откажани и тоа најмалку една недела.

Иста мерка е преземена и во Милано, каде во рамки на модната недела е откажана ревијата на Армани.

Единаесет населени места, од кои повеќето во северниот регион Ломбардија се изолирани согласно мерките што ги презеде италијанската Влада, по вонредната средба поради епидемијата на коронавирусот.

Ниту влегување, ниту излегување од области за кои се смета дека се места од каде се шири заразата  не се дозволени без посебна дозвола. Сите јавни собири, спортски настани и други настани се забранети за една недела.

Училиштата и градинките, спортските објекти и продавниците се затворени. Јавниот превоз е запрен. Тие мерки влијаат врз повеќе од 50.000 жители.

Во Кина, пак земјата од каде се прошири вирусот, бројот на заразени зголеми на 76.936, откако се пријавени 648 нови случаи, додека бројот на жртви достигна 2.442, соопшти Националната здравствена комисија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...