Околу 1.500 деца се во притвор во Ирак и ирачките области под контрола на Курдите, поради наводна поврзаност со Исламската држава, објави денеска „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ).
Во извештајот се наведува дека осомничените деца често произволно се притворуваат и се измачуваат за да признаат дека се поврзани со ИД.
ХРВ ги повика ирачките и курдските власти да ги изменат антитерористичките закони за да се прекинат таквите притвори, бидејќи со нив се крши меѓународното право.
Ирачките и курдските власти засега не го коментираа тоа.
Во извештајот од 53 страници се наведува дека на крајот од 2018 година, ирачките и курдските власти задржале околу 1.500 деца за наводно здружување со ИД.
– Најмалку 185 странски деца се обвинети за тероризам и осудени на затворски казни – ХРВ ја цитира ирачката влада.
Во документот на ХРВ се наведува дека локалните власти често апсат деца без јасна поврзаност со ИД, и тие се изложени на мачење со цел да признаат а судењата се брзи и нечесни.
– Тој широко употребуван репресивен пристап не е праведен и ќе доведе до доживотни негативни последици за многу од тие деца – изјави Џо Бекер, директор на ХРВ за правата на децата.
Курдските власти претходно отфрлија еден друг извештај на ХРВ, во кој се сугерира дека деца биле изложени на тортура за да признаат дека се поврзани со ИД.
Во јануари еден локален претставник изјави дека политиката на властите е да се „рехабилитираат“ таквите деца, како и дека е забранета тортурата, а децата имаат исти права како и другите затвореници.