Вработените во Министерството за туризам во Република Српска потпишаа петиција со која бараат прекин на рендгенските прегледи врз храната што секојдневно ја внесуваат во зградата на Владата, бидејќи, како што посочија, се плашат од штетните зрачења од рендген апаратите.
Службениците се пожалија дека бурекот, ќебапите и сендвичите што ги купуваат за време на паузата се до таа мера озрачени што сигурно влијаат и врз нивното здравје.
Како што напишаа во петицијата, објави магазинот „Бука“, на овој потег се одлучиле затоа што рендгенските зраци кои излегуваат од апаратите при контролата на храната, негативно влијаат врз храната и врз пијалаците, а со тоа и врз здравјето на луѓето.
Петицијата била испратена до Министерството за внатрешни работи во Република Српска, како и до парламентот и до Владата.