Цените на услугите во роаминг помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ од јули годинава ќе се намалат за 27 отсто, а од јули 2021 година ќе бидат целосно укинати.
Договорот што ресорните министри го потпишаа на Вториот дигитален самит за Западен Балкан е предуслов за почнување на постапката за укинување на роамингот кон Европската унија.
Идната недела посебно регулаторно тело треба да одржи состанок за да ги утврди намалените цени од јули годинава, прво на интернетот, а потоа на разговорите и постепено да ги намалува цените се до потполното укинување во 2021 година.
Регулаторите и телекомуникациските оператори до 1 јули треба да подготват акциски план и мапа за претстојните активности со прецизирање кој ден што ќе стартува.
– Откако целосно ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, тоа ќе се случи и со земјите од ЕУ, што значи дека регионот дигитално ќе се интегрира во Европа многу побргу отколку политички – изјави по потпишувањето на договорот министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски.
Цените на роамингот постепено ќе се намалуваат и од 2021 година ќе станат како домашните.
Македонците очекуваат пониски цени во роаминг и со Грција, што во делот на податочниот сообраќај треба да се реализира од летната сезона, како што беше најавено по потпишувањето на Меморандумот за соработка на министерот Манчевски со неговиот грчки колега Никос Папас.