Градот изграден на седум ридови слободно може да се нарече и град на фонтаните.
Во Рим има повеќе од 2.000 фонтани, повеќе од било кој друг град на светот, од кои пеесетина се сметаат за вредни историски споменици.
Некои од нив се Фонтаната четири реки, која ја изградил Бернини и Тритоновата фонтана, но ниту една не е толку позната како Фонтана ди Треви , пренесува Блиц. Архитектот Никола Салви ја замислил и ја дизајнирал оваа фонтана која е довршена 1762 година, 11 години по неговата смрт.
Треви е најголема барокна фонтана во Рим и веројатно најпозната во светот. Фонтаната послужила и како место за многу реклами и филмови.
По договор со градот, парите од фонтаната секојдневно се собираат за луѓето од хуманитарната организација „Каритас“ и се користат за купување на храна и за помош на сиромашните, како во Италија така и во повеќе од 200 различни земји.
Просечно дневно од фонтаната се вадат околу три илјади евра, што значи дека Фонтана ди Треви годишно носи повеќе од милион евра.