Од утре побарајте го списанието „Арткујна“

388

Од утре на сите поголеми продажни места во земјава, маркети и трафики, ќе може да го најдете специјализираниот магазин „Арткујна“. Списанието ќе излегува како двомесечник на 84 страници, со цена од 100 денари. Издавач на списанието е Плусинфо издаваштво ДООЕЛ, сопственик на порталите Плусинфо, Мајка и дете и Арткујна.

Ова издание е посветено на новогодишната и на божиќната трпеза. Десет познати шефови предлагаат свои рецепти за претстојните празници. Меѓу нив се Кирил Ставрев од „Дистрикт бар и ресторан“, Бобан Симоновски од ресторанот „Еквилибриум“, Лилјана Соколовска од Американската амбасада, Маре Јаневска од Британската резиденција, Младен Брчиоски од Амбасадата на Франција, Соња Тодорова од Шведската резиденција, шефовите Дејан Карапеев, Зоран Крстески, Ренато Краљев, како и Зоран Мајновски од ресторанот „Естел“. Готвачите од странските претставништва споделија традиционални празнични јадења карактеристични за земјите кои ги претставуваат амбасадите во кои тие работат.

За насловната страница на „Арткујна“ уметникот Саша Алексиќ изработи специјална торта на пет ката со новогодишни мотиви. Инспирацијата за оваа торта е од делата на холандскиот сликар Пит Мондријан.

Во овој број претставен е познатиот скопски ресторан „Еквилибриум“, а сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, специјално преку „Арткујна“ откри што готви за новогодишната ноќ.

Во петтиот број на магазинот „Арткујна“ ве очекуваат 30 оригинални и испробани рецепти, последни новости во кулинарството, кујнските алатки, како и ексклузивна репортажа од Канарските острови, Ланцароте – единственото место во светот каде се готви врз вулканска пареа. Ќе прочитатете и за фото-сафари со Берберската овца – Македонија е едно од двете места во Европа, каде што живее таа, како и за многу, многу други нешта.

– По 10 години од првото излегување од печат на месечникот „Арткујна“ во 2009 година, со голем ентузијазам решивме да се впуштиме во уште една кулинарска авантура – да го рестартираме магазинот во едно луксузно двомесечно издание и да ѝ понудиме на публиката интересно четиво, многу испробани рецепти и да ги откриеме тајните на големите шефови – вели главниот уредник на списанието, Биљана Илиќ.

Професионалните готвачи и љубителите на добриот залак велат дека готвењето е еден вид медитација и релаксација. Со чаша вино или топол чај, уживајте во дегустирањето на приказните и на празничните рецепти од магазинот „Арткујна“. На здравје!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...