Девојчињата со маслинките. Така тафталиџани, барем оние околу мене, ги знаат девојките кои веќе 15 години, во рамките на пазарот во Тафталиџе ги продаваат своите производи. Иако, маслинките со кои Весна Младеновска Антониевиќ го почнала бизнисот пред цели 15 години, веќе одамна не се бројат на прстите на едната рака.
„Есента, 2004.година, по убедување на мојата мајка, со скромни финансиски средства (18.000 денари), отворивме тезга на пазарот во Тафталиџе со идеја да си ја „пробаме“ среќата. Идејата на мајка ми беше да продаваме маслинки и зрнести производи бидејќи токму такви недостигаа на пазарот.
Не бев сигурна за тоа како ќе се развива оваа идеа и дали воопшто ќе успее, но сепак решив да ја послушам мајка ми и да ризикуваме, тогаш за мене и за моето семејство скаппоцени 18.000 денари.
Со 5.000 денари плативме закупнина за тезга за еден месец и со останатите пари купивме малку роба (6 видови на маслинки, леблебија и суво грозје). Првиот работен ден (тогаш имав 19 години) среќата ми се насмевна и направив промет од 4.000 денари. Бев пресреќна и едвај чекав да се раздени и пак да одам да продавам. И така, продажбата растеше, растеше и бројот на производи сѐ до денот кога тезгата стана премала. За помалку од една година закупив 3 тезги кои ги уредив многу креативно, почнав да печам кикирики, лешници и други јаткасти производи. Поради обемот на работа ми се приклучи и мојот помал брат Марјан, а нешто подоцна и Снеже (Снежана Станојевиќ), која уште е дел од оваа успешна приказна. Во почетокот на нашето работење „здравата храна“ не беше многу актуелна, народот, а и ние како продавачи, не бевме информирани за придобивките на истата. Со текот на времето и интернет- бумот, стигна и првиот здрав производ – неговото величество лененото семе! Благодарение на интернетот читавме и осознававме како треба да се користи лененото семе (денеска речиси и нема човек што не пробал ленено семе) и кои се неговите позитивни ефекти врз нашето здравје. Потоа се редеа нови производи, за нас невидени и нечуени: брусници, гоџи, аронија, макадамија, црно семе, чиа семе…..Актуелни станаа и нашите заборавени култури наутот и уровот“, раскажува Весна.
Прочитајте повеќе на порталот „Арт кујна“.