Од септември „Фени“ ќе работи со полна пареа

Менаџментот од „Еуроникел“ очекува стечајната постапка да заврши до септември годинава кога ќе почне да се реализира втората фаза од планот за стабилизација и проширување на производството.

501

Производство од 19.000 до 21.000 тони никел годишно, зголемени плати на вработените, дополнителна инвестиција од 10 до 15 милиони евра во реконструкција на втората печка, како и зголемување на производството до целосна искористеност на капацитетите, планира швајцарската фирма ГСОЛ и нејзината македонска фирма „Еуроникел“, по добивањето на сопственоста над комбинатот „Фени“.

Менаџментот од „Еуроникел“ очекува тоа да се официјализира по завршувањето на стечајната постапка до септември годинава кога ќе почне да се реализира втората фаза од планот за стабилизација и проширување на производството.

Повод за ваквите очекувања, според менаџментот, е тоа што вчера Одборот на доверители дал позитивно мислење за Планот за реструктуирање кој сега треба да го прифати и стечајниот управник и стечајниот совет.

– ГСОЛ веќе инвестира 70 милиони евра во стабилноста на компанијата. При тоа се откупени 80 отсто од сите побарувања на „Фени“ кон доверителите, активирана е една од печките и се исплатени платите на вработените. Со тоа е намалена неизвесноста на вработените и е отпочнат процесот на реорганизација на компанијата – вели Маркос Камис од ГСОЛ.

Директорот на „Еуроникел“, Герасим Кујунџиев, вели дека изминатите месеци се направени напори за рестартирање на производството.

– Увезовме над 200 илјади тони руда од нашите рудници од Африка, како и од Индонезија, а во план е и увоз на руда од Латинска Америка. Сега фабриката има доволно ресурси и технички потенцијал да има добра перспектива. Во меѓувреме ги зголемивме и платите на работниците. Претходно, тие просечно заработуваа по 23.000 денари, а сега тие просечно заработуваат по 27.000 денари. Воведовме и никел-бонус, а во наредниот период ќе воведеме и посебни стимулации за работниците – вели Кујунџиев.

Андреас Цагарис, исто така, менаџер во „Еуроникел“ посочува дека од рестартирањето на „Фени“ месечно се произведени од 800 до 1.500 тони никел, реализиран е извоз, а се ангажирани и 200 локални компании кои го вршат транспортот од пристаништата Солун и Драч.

– Меѓутоа, капацитетите на компанијата сѐ уште не се искористени. Наш план е постепено да се зголемува производството со цел да имаме безбедно производство и добра искористеност на капацитетите – рече Цагарис.

Тој, како што рече, е изненаден од подготвеноста и знаењето на работниците во „Фени“.

Менаџментот вели дека се добри перспективите на „Фени“ за иднината оти цената на никелот моментално е добра, но нивните планови се да обезбедат сигурно производство и во услови кога цената на овој метал ќе биде пониска од очекуваното.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...