Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска со градоначалникот на Кочани Николчо Илијев го посетија Центрарот за ран детски развој во село Тркање. Центарот за ран детски развој чиј што капациетет е за околу 20 деца ќе почне да работи од први септември годинава и е во состав на детската градинка „Павлина Велјанова“. Згрижувањето и воспитувањето на децата во Центарот е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден.
– Навистина ми е драго што овој центарот во Тркање е во рурална средина и ги прави последните подготовки за отпочнување со работа. Од она што можев да го видам, обезбедени се соодветни услови, опрема и дидактички средства, соодветен кадар како програма за вршење на дејноста. Центарот е наменет за деца на возраст од 3 до 6 години и ги повикувам родителите од селото да ги запишат децата за да може да започнат да ја следат програмата од септември – рече министерката Царовска при посетата на Центарот во Тркање.
Таа истакна дека Кочани е и една од првите 4 општини која ќе гради нова градинка за над 100 деца со грант од Светска банка, за што минатата недела беа потпишани договори.
– Министерството за труд и социјална политика продолжува да инвестира во раниот детски развој со отворање на нови градинки и центри за ран детски развој, проширување и опремување на постојните објекти, но и со јакнење на професионалните компетенции на кадарот што работи со децата – рече Царовска.