Од септември и хартиени билети за едно возење во јавниот превоз

530

Во автобусите на ЈСП – Скопје и на приватните превозници од септември повторно ќе може да се купи хартиен билет за едно возење.

ЈСП во моментов го реализира тендерот за набавка на 300.000 хартиени електронски билети, кои се адекватни на постојниот систем за плаќање во јавниот превоз. Оттаму информираат дека е избрана компанијата што доставила најдобра понуда, во овие денови тече периодот на жалби од останатите понудувачи, по што и официјално ќе биде склучен договорот.

Советот на град Скопје треба допрва да ја утврди цената на билетот за едно возење, по што претстојната есен хартиениот билет ќе може повторно да се купи во автобусите.

Оваа новина е само една од бројните поволности што од наесен ќе ги добијат корисниците на скопскиот јавен превоз. Најдоцна за 4 месеци, на граѓаните ќе им биде достапна Андроид апликација за паметни телефони, преку која ќе можат самите да ја надополнуваат картичката „Скопска“, да имаат увид во нивната сметка и да дознаат кои активирани билети можат да ги користат во автобусите. Идната апликација ќе нуди информации за времето на пристигнување на автобусите, шемата на линии и мапа со филтер за пребарување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...