Се сеќавам дека најгласен во одбрана на асистентот беше курирот, и дека дебатата заврши без заклучок, а делото без казна. Можеби само со нешто што тогаш се викаше „самокритика“. Се беше некако пријателски: никого особено не го интересираше да земе учество во утврдувањето на вистината, а камоли во казнување на свој колега. Се на се: непријатна работа. Можеби со право, затоа што тоа е во надлежност на деканот. Но и тој, како дел од заедничката култура, не сакаше да се замери со никого. Низ годините, разбрав дека таа логика, таа култура на неказнивост стана наш начин на живеење: деканите не интервенираа и кога беше јасно дека поединци ја злоупотребуваат својата позиција на сметка на квалитетот на образованието на младите умови кои ни се доверени на воспитување, на пример, во поглед на бројот на докторати, недоаѓање на состаноци, етичкиот кодекс, вработување на деца на професори или дури недоаѓање на работа. Согласно климата која заеднички ја создадовме, нивната стратегија на владеење беше да не се замерат со никого. Така настана културата на неказнивост во средината во која работев.
Проблемот е во тоа што ние од универзитетот, особено од Правниот факултет, сме елитата на општеството, каде што, ако се земе примерот на аристократската елита во Англија, колевката на демократијата, се создаваат правилата на поведение во кои, подоцна се социјализираат пошироките слоеви од населението. Во Англија, имено, правната држава постоела пред демократијата, која се создавала низ еден спор процес на вклучување на народот со управувањето на државата, преку ширењето на избирачкото право. Последниот слој, жените, на пример, се здобиваат со право на глас во 1918 година. Или улогата на привилегираната аристократија, во Русија, на пример, која застанувала на чело на војската и ги водела обичните војници во јуриш, плаќајќи ја цената на своите привилегии во крв. Такви елити се интелектуалците денес кои се привилегирани со доживотно загарантирана работа, со една единствена обврска кон својот народ: да работат напорно на откривање на вистината и јавно да ја кажуваат. Нема кој друг тоа да го прави во општество во кое сите се борат да преживеат.
Затоа, нашето неодговорно поведение не може а да нема последици не само врз квалитетот на дипломираните правници, идни судии, туку и пошироко во државата. Ние, имено, никогаш не ја изградивме потребната дисциплина да бидеме строги кон самите себеси, да утврдиме што е добро а што лошо, што е праведно а што неправедно, што е морално а што неморално, што е дозволиво а што казниво, па казнивото да се казни. Никогаш не прозборевме и на темата какво образование даваме, што е лошо, што добро и како да се подобри. Ние никогаш не бевме во потрага по одличност, непријателот на доброто и многу доброто. Без тие критериуми, без тие цели, пригрлен од сите, никој со никого не сакаше да се замери. Дури и на оние кои сакаа, не им бесе дозволено. Еднаш кога, пред десетина години, како раководител на курсот, решив да се замерам, не ми дозволија. Побарав еден од учесниците во образовниот процес на пост-дипломските студии по меѓународно право и политика, да биде казнет или отстранет за своето поведение и тоа им го предочив на останатите колеги професори, барајќи поддршка. Не ја добив.
Ова се само навидум ситни работи. Но, од нив се раѓа цела една култура на однесување. Обидот макар и малку човек да се држи до принципите на правната држава во средината во која доминира културата на неказнивост, го прават човекот многу осамен. Но, ако ја пресликаме оваа состојба во државните институции, ако и таму владеела и владее културата на неказнивост, тоа е погубно по правната држава. Нашето поведение има влијание врз квалитетот на дипломираните идни судии и адвокати кои наредните четириесет години ќе „зрачат“ со она што го научиле. Но истата култура на неказнивост меѓу судии, обвинители и адвокати веднаш ги покажува резултатите во самите пресуди. Имено, нашата култура на неказнивост разбрана како „секој да си ја гледа работата“, „никој со никого да не се замери“ или дека „основното правило е дека нема правила, па снајди се како умееш и знаеш“, ги создава условите за корупција и злоупотреба на службената должност секаде околу нас, во државата и во нашите работни средини. Од ова бачило, таква сурутка, резигнирано ми вели еден пријател од патеката покрај Вардар. Така велеле во неговото село. Точно, но во светот на кој сакаме да му се приклучиме, нашата сурутка не минува. Значи, мораме да се менуваме ние за да го подобриме нејзиниот квалитет. Мораме сите во републикава, со промени во нашите мали бачила во кои работиме, да направиме големото бачило Македонија да произведува сурутка која ќе биде барана на европскиот и светскиот пазар. Такви се инструкциите од ЕУ.
Но, ја немаме таа дисциплина. Нашата култура на неказнивост, нашиот менталитет, е посилен од инструкциите на ЕУ. Затоа, вистинското прашање е како се менува култура, како се менува менталитет? А вистинскиот одговор: со многу труд и посветеност на заедничкото добро, какво што е правната држава, на пример. Без да ја сфатиме длабочината на проблемот и работејќи само на препишување на законите на ЕУ, ќе имаме само закони на хартија а во пракса неказнивост. Тешко ни оди затоа што срцата и умовите се во прашање.Тие одбиваат да сме строги кон себе и кон другите и да бидеме управувани од закони и правила.Тие заговараат дека нашето бачило ни е судбина. Зошто? Затоа што во него најдобро се снаоѓаат.
Колумната е преземена од Инбокс 7.