Од ништото ништо не излегува… освен Хорхе!

Доаѓајќи од Никаде во форма на Ништо, Хорхе успеа да го направи невозможното: од Ништо тој прерасна во едно Големо Ништо кое еманира толку Голема Морална Смрдеа што се заканува да ја задуши македонската астматична и болежлива демократија.

1212
grcev

Се сеќавам, шеесет и втора ли беше, кога се доселивме во новата универзитетска зграда, вклештена во североисточното крило на Дебар Маало, на потегот кон стариот влез во Зоолошката градина… глетката беше како од италијанските неореалистички филмски ремек-дела. Новата, блештечки бела зграда, ко слетана директно од друга планета, со апстрактна геометрија на паралелопипед или кутиче кибрит, беше опкружена со стутканите и некогаш горди дебармаалски куќи, накитени со скромни обиди за „големџиство“ на влезовите, со тремови и понекое столпче и ѓоа капителче, а над тремовите во малтер релјефно испишана годината на градбата: 1927, 1929… Но, во раните шеесетти, кога модернизмот ја совладуваше првата космичка брзина, на нас дојденците од „град“ овие скромни но очајни архитектонски обиди со цигла и малтер да се реконструира повреденото достоинство, ни изгледаа потполно беспредметни. Зашто – гледано низ суровите детски очи – маалото ни беше целото сивуркаво и со извалкан и неугледен изглед што можеби ни беше пренагласен од обилството на гулабови посеротини: во маалото немаше куќа без гулабарник.

Кондорска посеротина

Небрежно спомнатите гулабови посеротини ме потсетија, почитувани читатели, на порано многу проширеното верување дека ако од небесите те зашлапа гулабова посеротина, или вранешка, или која и да е птичја курешка, тоа да ти било знак за голема среќа што ќе те снајде… Од каде потекнува ова исконско верување, дал од небеското потекло на птичјата поганштија, што носи среќа зашто е Небески Дар, или зашто доаѓа од мистичните височини на ангелите и нивните божествени гулабари, тоа не успеав да го дознаам. Но затоа, со мнозината други сомаченици, ја доживеав тоталната негација на ова верување, отелотворена во нашиот Ел Пресиденте, Јорге Еступидо, кој падна од никаде и ја зашлапа в лице македонската напатена државичка, како кондорска посеротина што ни донесе само несреќа, фрустрација и срам.

Големо Ништо

Појавувајќи се на македонската политичка сцена во форма на смрдлива птичја посеротина, мистериозниот Хорхе – покрај старото верување во среќата курешница – во потполност го „ошамути“ и декласира дури и класичниот Парменидов филозофски принцип, кој потоа стана основа и за сите природни науки на новиот век – ex nihilo nihil fit, односно дека од ништо не може да излезе ништо. Појавувајќи се, значи, екс нихило, Хорхе навидум го потврдува филозофското начело – зашто содржински, демек политички, интелектуално и човечки, тој не претставува ништо. Од друга страна, доаѓајќи од Никаде во форма на Ништо, Хорхе успеа да го направи невозможното: од Ништо тој прерасна во едно Големо Ништо кое еманира толку Голема Морална Смрдеа што се заканува да ја задуши македонската астматична и болежлива демократија. Да не претерав малку?

Шегата настрана, македонскиот претседател стана универзална филозофска алатка за негативно дефинирање на базични начела, морални вредности или политички концепти. Но, излегува дека анализата на политичкиот феномен на Хорхе, нè води дури и подалеку – во центарот на генетичките слабости на либерално демократската правна држава. Врз основа на анализата на феноменот на партиско-мафијашката држава на ВМРО, а сега и на непостоечката појава на Хорхе Еступидо, станува повеќе од јасно дека либерално-демократските уставни механизми за поделба на власта, слободните демократски избори, независните институции и најмногу од сè – правната држава, не се никаква делотворна одбрана од Глупоста и од Злото. Вмровските ништожници се живи докази дека Уставот, законите и институциите што ја чинат правната држава, се по својата природа религиски принципи, дека постојат само доколку се верува во нив, и дека за оние што се од друга вера – мафијашка, лоповска или фашистичка, каков што е случајот со ВМРО и Хорхе, целата уставно-правна конструкција на либерално-демократската држава, заедно со нејзината институционална инфраструктура, не претставуваат ништо, во секој случај ништо што може да ги попречи во нивните злодејства.

И, најгрдата иронија во нашата несреќа со Хорхе е што правната сила што му овозможува да го крши Уставот, неговата сувереност да биде над пишаниот закон, му ја даваме сите ние однесувајќи се како тој да може да го прави тоа. Неговата аболиција на партиско-мафијашките криминалци од ВМРО беше според словото на законот ништовна, но нашите протести и барањето на меѓународната заедница да ја повлече, всушност и ја дадоа правната сила. Истото се случи и со недавањето на мандатот: со тој акт Хорхе Еступидо се исклучи од уставниот поредок, но инсистирањето мандатот сепак да му го даде на парламентарното мнозинство го легализираше неговото велепредавство. Спасувајќи ја институцијата на Претседателот на Републиката од злоупотребите на криминалецот што ја окупираше, ние самите ја демонтиравме правната држава и ја обезбедивме сувереноста на Хорхеовото самоволие. Поради тоа, непотпишувањето на законите што ги донело Собранието е веќе нормална практика, стекнато право на Претседателот Кондорска Курешка, а не државен удар. Виновни сме единствено ние, што притиснати од верската догма за правната држава, не успеваме да ја согледаме ниту фактичката ниту правната стварност. Хорхе сам се исклучи од правото, па доколку не се осмелуваме да го уапсиме и судиме за рушење на уставниот поредок, тогаш треба да го сметаме за она што тој суштински е: Ништо. И, согласно тоа да го игнорираме како да не постои.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...