Од миоцен преку грујоцен до натоцен и еуцен

Едвај чекам да го видам слонот во музеј, за да му кажам – е мој друже, кој те заеба, па те откопа?

2277

Право да ви кажам, не знам како изгледала Македонија во периодот наречен миоцен, кога природата на Балканот наводно била многу поблиску до африканската фауна и кога умрел Слонот од Долни Дисан, кој деновиве е откопан и сега се слави како значајно палеонтолошко откритие.

Мислам дека ние имаме предрасуди кога се споредуваме со Африка како со нешто далечно, како со некоја којзнае колку различна флора и фауна и како со една примитивна цивилизација. Впрочем, да не заборавиме дека во многу истражувања за слабостите на модерната цивилизација (сиромаштија, неслобода, корупција и слично), Македонија често беше рангирана во друштво на најбедните африкански нации.
А и кога човек ќе ги види македонските неуредни и обраснати села и градови (велиме „како џунгла“, нели), кога ќе ја слушне веста дека кучиња скитници задавиле три кози и едно јаре, а една коза е повредена (сето тоа во близина на локацијата на упокојување на Слонот), кога ќе ги види нашите примитивни обредни обичаи (чочек на автопат, на пример), не помислува ли на оние бедни Африканци од филмовите, кои се чудат како да ја искосат тревата, чекаат да ги проголта некој лав и танцуваат со голите газиња за да ги смилостиват боговите?

Дури е можно да сме во заблуда. Јас не сум бил во Африка и секогаш кога ги читам тие споредби со „оној“ континент, во пежоративен контекст, се прашувам – а што ако таа Африка не е каква што ја замислуваме, што ако џунглата е средена и ако таму се игра голф, што ако лавовите и слоновите имаат ол инклузив аранжмани (како загрозени видови) па не мора да ловат, што ако Африканците веќе не танцуваат како во филмовите…

Имам чувство дека можеме да разбереме како се чувствувал слонот стар 8 милиони години, во миговите пред смртта. Изморен од чекање нешто да се случи, преголем за да биде нападнат, престар за да биде интересен на останатите членови на фауната (бил на возраст од 50 години), веројатно издивнал во очај, не ни сонувајќи дека еден ден ќе биде славен како спектакуларно откритие на палеонтолозите.

Не сме ли ние исти, или барем слични со тој несреќен слон. Ние, чекајќи да се случи ова или она (Американците сега ни велат дека ќе станеме дел од европската фауна некаде во 2027 година, ако се квалификуваме до 2025 година), тажни што веројатно уште долги години ќе имаме „постојан мир и сигурност“ (така вели оној Сервер), што не значи дека пак нема да живееме во трева до колена, со грабливци што нѐ демнат од секој агол, во постојан страв дека на крајот сепак нема да нѐ биде и дека нашето поколение ќе го закачи некое ново „ледено доба“.

И знаете што ќе биде нашата најголема несреќа? Тоа што некој од нас, баш како и овој несреќен слон, еден ден ќе биде откопан и славен како „спектакуларен пронајдок“, како доказ дека таа идна цивилизација на Балканот којзнае колку се разликува од оваа денешнава, дека тие идни луѓе, родени во натоценот и еуценот, ќе бидат многу посреќни од нас, кои ги изгубивме нашите најубави години во транзиценот и во грујоценот.

Едвај чекам да го видам слонот во музеј, за да му кажам – е мој друже, кој те заеба, па те откопа?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...