Кавадарци целосно го решава проблемот со капацитет за сместување деца во градинка. Годинава, на листата на чекање беа 485 дечиња и сите беа примени во градинка, информира денеска градоначалникот Митко Јанчев.
На листата на чекање, посочи, остануваат само дечињата кои се родени годинава и немаат полни девет месеци и дечињата од село Возарци кои ќе бидат примени кога ќе се заврши реконструкцијата на занималната со капацитет за 30 деца, а се очекува да биде готова во октомври годинава.
Еден од капиталните проекти на општина Кавадарци, како што рече, заедно со Министерството за труд и социјална политика и Владата, е изградбата на нова градинка, која ќе заврши во 2020 година со капацитет за 180 деца.
– Овој голем проблем конечно е решен во нашата општина, а со изградбата на новата градинка ќе се реши долгорочно. Малиот, незначителен процент на невработеност во Кавадарци, економскиот развој, интензивното модернизирање на инфраструктурата и движењето на нашата општина во правецкој значи прогресивен напредок, повлекуваат и обезбедување услови за развој на младите и згрижување на децата во поголем број, односно потреба за поголем капацитет – нагласи Јанчев.
Според Јанчев, во Кавадарци има интерес и за изградба на приватна градинка. Новиот генерален план е веќе одобрен, сега е во фаза изработка на детален план за таа парцелизација.