Се скисели пинџурот, се расипа месото, се смлачи ракијата, биеното сирење на скара цигла се направи, лепињите џабе ги потпекувавме, мувла фатија, а кромитчињата овенаа како аспарагус во ладна вода… Извади-врати во фрижидерот, постави-растури масата, дај свежи чаши, шприцерот изветреа, нарачај оркестарот, откажи оркестарот…
Никако да ја почнеме прославата за решавањето на спорот за името со Грчиштана!
Таман мислиш готово е, само што сме ги развеале барјаците со сонцето од Вергина, а ни рефренот од „Едно име имаме и него ќе го дадеме“ не сме го завршиле – туку, стоп!, прекинувај!, запирката во шестиот ред била погрешно ставена, во вториот пасус имало печатна грешка, а ерга омнесот важел за употреба и на отворено море, иако од мориња ние го имаме само Охридско езеро… Од клекни-стани, кила добивме, од прва-рикверц, дискус хернија фативме!
Наводно, сите крупни прашања биле решени. Сега „експертски“ се дрибламе тука и таму за по некоја нијанса, за некој месец порано или подоцна, за тоа што ќе кажела нашата и нивната опозиција и дали некоја од буквите да била голема или мала, на латиница или на кирилица. Странците ни ним ни нам не ни веруваат, сега сè бараат на писмено, оти не се знае кој повеќе подлажува.
Куќата изгоре, ама ние за плевната го дрвиме! Аман, фаќајте се за тоа телефоните, па да свириме фајронт!
А што и да се договори, на крајот, ни тука, ни таму, половина од нациите нема да бидат задоволни. Ќе се стават милион забелешки, ќе се излеат реки солзи, ќе се колне до шесто колено и нанапред и наназад, прекугранично… Пред целата работа да ја покријат суви лисја и троскотна трева, жолт густ пиреј што ќе се суши и жолтее на врелото балканско сонце и ќе зеленее на секој предизборен дожд. Со тој компромис ќе мора да се научиме да живееме, оти од пиреј спас нема.
А да се паметни, во меѓународниот договор со штембил од ОН би ставиле забрана и таму и овде да има реакции на потпишаното барем седум дена. Така, бе, да не смее никој ништо да бекне една недела, а и фејсбук да се укине, додека не се слегне правот и не помине првата лутина. Осмиот ден ние ќе се фрлиме на скарата, кромидот, пинџурот и биеното сирење, а тие на суфлаките, маслинките и ѕаѕикито, и веќе на третата здравица во име на името ќе сфатиме дека животот оди понатаму и дека со првата, ќе мора да тераме и втора диета, оти една не нè најадува!
На крај, папсани, некој од раштиманиот оркестар ќе ја нарача „Ерген одев, мамо, порно ми беше!“, и ќе решиме комшијата Орце пак да го жениме… Колку, на туѓа мака, нова софра да постелеме. Дај уште еден аспарагус, па што сака нека биде, датибамиметодатибам!
Извор: Цивил медиа