Влегуваме во големото, жестоко предреферендумско финале. Контрастите во кампањите се остри и уште еднаш ја покажуваат длабоката поделеност и ранливоста на општеството. На едната страна се про-европските сили, во очигледна предност, блескави и позитивни, со развиорени знамиња, музика, насмевки, планови за брз развој, благосостојба, обединување, законитост и безбедност.
На другата страна се антиреферендумистите предводени од ВМРО-ДПМНЕ чиј привремент кмет пред јавноста и светот јасно изговори дека не е против референдумот, а преку месните и општинските комитети, води валкана и груба анти-кампања. Тука се и нивните спин-партии и „граѓанско-црковни“ групации од божемни левичари, преку божемни неутралци и незадоволни кариеристи, до десни радикали и клеро-фашисти, сите заедно поддржани од „спутник“ инсталациите и од (сѐ уште) негибнатото чекмеџе на Фамилијата. На површина излегуваат и сознанијата за организирана мрежа од радикални милитанти, кои веројатно поседуваат повеќе фантомки отколку членови, но имаат и оружје.
На една страна шарено друштво со лаптопи и насмевки, а од другата, монохроматска братија со кама и кубура. Оптимизам и ветувања за подобра иднина на едната, а параноја, омраза и лажни вести на другата страна. Повици за обединување на сите граѓанки и граѓани, пријателство и живот во европска и безбедна заедница наспроти повици за обединување на „народ“ против другите заедници, непријателство и живот во изолација што се разбива само со бугарски пасош. Рок-ен-рол против наци-турбо-фолк… Океј, се протнаа и ќосиња во проевропските спотови, но за тоа во првата наредна прилика.
За прв пат, Македонија ја посетуваат најголеми светски и државници, со насмевка на лицето, со позитивни пораки, ветувања и гаранции за Македонија за кои ни најголемите оптимисти до вчера не можеа ни да сонуваат. На човек да не му се верува кој сѐ не дојде и што сѐ не ни ветија. И тоа – не со празни зборови и ветви флоскули, напротив! Канцеларката Меркел никогаш не говорела напразно, тоа барем го знаеме. Американците никогаш не отстапиле од поддршката на Македонија, од првиот ден на нашата самостојност, до денеска. Нека збори кој што сака, фактите се очигледни.
Критичките умови ќе забележат дека Македонија, како општество и држава, не заслужува толкаво внимание и толкава поддршка, дека други држави многу повеќе работеле за да дојдат таму каде што ние стасавме преку ноќ. И во право се. Но, што е тука е. За првпат можеме да кажеме „што е, тука е“ за нешто позитивно. Обично тоа го констатираме кога сме соочени со распад и хаос, па се помируваме.
И знаете што? Ни малку не се воздржувам да забележам и да напишам за гафовите и бавните реформи, за сјаши-Курто-узјаши-Мурто состојбите, за неказнетото извлекување на ДУИ, за можната тивка амнестија на дел од криминалната Фамилија и на нивните медиумски слуги, за коруптивните елементи во настапите на Заев… Но, ја чувствувам(е) и разликата – не се плашиме за нашата безбедност и за тоа дека институциите ќе бидат злоупотребени да нападнат секој што ќе проговори со критички тон. Ни остана само Фејсбук инквизицијата и мускулите на радикалната десница, но тоа секогаш го имавме на врат. Не е наивно, но барем е забавно и смешно на моменти.
Вемерото со години испраќаше војници на мисии во НАТО, додека полицијата и војската дома ни беше во партали. Со години крадеа милиони, како од „својот народ“, така и од касата на Брисел (слушајте го „љубовниот“ пар Ставрески и Гоца Шлем), а сега покажаа апла дека систематски работеле против Европа, дека се расипана антиевропска братија.
И сето тоа не ќе беше нешто особено вредно за споменување, не пак за сериозни анализи, да не беше нивната добро организирана мрежа што сее страв и лаги по селата и градовите, се инфилтрира во институциите и во структурите за мониторинг на процесот. Под плаштот на слободата на изразувањето и демократијата, со бугарски пасош в џеб, се инфилтираат во институциите и во мониторингот и водат недекларирана војна против референдумот.
Јасно е како бел ден, вемеро го води орото против НАТО и ЕУ, а зад нив се тетерават банди со идеолошки предзнаци од целата политичка и криминално-шпионска палета од лево до десно и назад. И, што е најнечесно во целата какофонија, нема јасна и јавна декларација. Тоа им го оставаат на хистеричните лузери и зависници од 10 секунди Фејсбук слава.