Од денеска покрај увидот во избирачкиот список, почнува и пријавувањето на граѓаните во дијаспората кои сакаат да гласаат на референдумот. Оние кои се на привремена работа или со престој во странство пријавувањето дека ќе гласаат може да го направат лично во Дипломатско-козуларните претставништва, во конзуларните канцеларии или електронски преку апликацијата на ДИК за дијаспората dijaspora.sec.mk.
Од утрово електронски за гласање во дијаспората се пријавиле 19 граѓани и нивните барања се во обработка. Пријавувањето на дијаспората ќе трае до 23 август.
– Државната изборна комисија ќе отвори избирачко место во Дипломатско-конзуларното претставништва секаде каде ќе има над 10 избирачи. Ако има над 1.000 пријавени гласачи ќе се отворат и дополнителни избирачки места – вели портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.
Гласањето на дијаспората ќе се организира еден ден пред референдумот, на 29 септември, избирачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот согласно временската зона.
Во оние македонски амбасади и конзуларни канцеларии, каде што нема доволно кадар кој ќе го организира изјаснувањето на иселениците, како што појасни Гугчевска, ќе бидат испратени избирачки одбори од Македонија.