Почнуваат велигденските празници, па од утре, петок, до вторник, 30. април, ординациите на матичните лекари нема да работат, што значи дека во наредните 4 дена и за преглед и за терапија граѓаните кои ќе имаат потреба од лекарски преглед, но и од препишување лек, се упатени на дежурните лекари.
Во Скопје ќе дежураат девет поликлиники. Иако сите дежурни лекари имаат право да препишуваат лекови за акутни состојби, а во аптеките има и „дежурна“ посебна квота, пациентите имаат поплаки дека дел од овие лекари не им препишуваат рецепти кои се на товар на Фондот за здравство. Од Фондот за здравство потсетуваат дека сите дежурни лекари имаат право да препишуваат рецепти за 53 лекови во разни дози и форми, а аптеките се должни истите да ги обезбедат. Осигурено лице кое смета дека има нарушување на правото на добивање на лек на товар на Фондот, може да достави претставка до Фондот.
Меѓу 53-те лека дел се антибиотици (амоксицилин, цефалексин, и уште неколку со широк спектар на дејство) и други препарати – за намалување на зголемена телесна температура (и за деца и возрасни), лекови против болка, капки за нос и за очи, антивирусни лекови.
Во цело Скопје за три месеци препишани само 6 лека!
Фрапантни се податоците од Фондот за здравство дека за три месеци во минатата година, од октомври до декември, дежурните служби во Скопје (град со повеќе од 700.000 жители) биле препишани само 6 рецепти на товар на Фондот!? Тоа значи дека најголемиот дел од пациентите кои се јавиле на дежурните служби или добиле ампуларна терапија или морале приватно да си го купат лекот, иако истиот им следува бесплатно, на товар на Фондот.
До Здружението на приватните лекари на РМ реагираат пациенти кои отишле на преглед кај дежурните лекари. Некои од нив не добиле рецепт за лек, иако состојбата тоа го наложувала, па од свој џеб си ги купиле препаратите.
– Фондот е должен да ги информира граѓаните кои лекови може да ги препишуваат дежурните лекари, односно дека лекарите кои работат со факсимил во дежурните служби имаат право да препишат антибиотици, лекови против повраќање, зголемена телесна температура, како и против болки, но и други препарати, односно најбитното што се бара во дежурната служба. Да потсетиме дека и ампуларната терапија им е на располагање на дежурните лекари, па ако е итна состојбата, може да ја дадат и оваа терапија за случаи против болка или кога е неопходен антибиотик или друго. Иако овој начин на работа е договорен уште пред неколку години со Фондот за здравство, од реакциите на пациентите произлегува дека дежурните служби речиси да не ја користат оваа опција. Често сме информирани од пациентите дека воопшто не им се препишуваат рецепти за лекови, кои тие се должни да ги издадат! Значи, Фондот треба да ги потсети дежурните служби професионално да си ја вршат работата и да го почитуваат и применуваат сето она што државата го осмислила во корист на пациентите – вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението.
Лековите од дежурните не влегуваат во квотите на аптеките
Еве што за Плусинфо одговараат од Фондот за здравство за дежурните служби:
– Лековите кои може да ги препишува на рецепт дежурниот лекар во дежурната служба на здравствениот дом, односно избраниот лекар кој дежура во дежурната служба што ја организира здравствениот дом, се утврдени со Одлука на Управниот одбор на ФЗОМ.
Лековите кои ги препишува лекар во дежурна служба не влегуваат во квотите на аптеките и нема причина зошто било која аптека да не ги издаде лековите ако истите ги набавила. Лековите од горенаведената одлука кои може да ги пропише дежурен стоматолог се означени на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот во делот на режимот на пропишување со ознака „D “- лекот го пропишува избран стоматолог самостојно – појаснуваат од Фондот.
Исто така, лековите кои ги пропишува матичниот лекар/дежурниот треба да се врши врз основните принципи на медицина базирана на докази, што исто така не е во надлежност на Фондот, ниту распоредот на дежурства во здравствените установи.
– Во ноември 2018, декември 2018 и јануари 2019 во Подрачната Служба Скопје реализирани се 6 рецепти на товар на Фондот пропишани од дежурна служба. Во тек е подготовка на годишниот извештај за 2018 година и обработката на податоците, меѓу кои и за лековите, е во тек. Најчесто издавани лекови на товар на Фондот, пропишани од лекар од дежурна служба во периодот од ноември 2018 –јануари 2019 се антибиотици и тоа: amoxicillin caps. 500mg и susp. 250mg/5 ml, cephalexin caps. 500mg – одговараат од Фондот.