Одлуката на 17 врховни судии не е и не може да биде заговор против СЈО!

Читам различни мислења и се обидувам да пронајдам барем еден сериозен аргумент што ќе ја оспори суштината на начелното правно мислење на врховните судии. Нема. Барем јас не наоѓам. И тешко ми е да замислам дека таков аргумент може да се смисли, бидејќи одредбата што го определува мандатот на СЈО е толку егзактна и прецизна што не гледам како би можела поинаку да се протолкува.

6285

Не сум правник, но принципите на владеење на правото и архитектурата на правосудниот систем во Македонија се дел од моето формално и неформално образование – сосема доволно за отворено да кажам дека не гледам умен начин како да се оспори начелното правно мислење што го донесе Врховниот суд, според кое Специјалното јавно обвинителство не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.

Можеме да се сомневаме дека оваа одлука е плод на вакви или онакви политички договори, но не сфаќам како е можно мислењето на 17 врховни судии (само двајца не го споделуваат) да се протолкува како заговор против СЈО и обид да се поткопа неговата позиција. И навистина е несериозно да се заборави дека оваа институција беше формирана со политички договор и со силен меѓународен притисок, но само со цел да покренува обвиненија поврзани со јавно објавените аудио-снимки од нелегалното прислушување и нејзиниот мандат беше цврсто и прецизно орочен на 18 месеци.

Читам различни мислења и се обидувам да пронајдам барем еден сериозен аргумент што ќе ја оспори суштината на начелното правно мислење на врховните судии. Нема. Барем јас не наоѓам. И тешко ми е да замислам дека таков аргумент може да се смисли, бидејќи одредбата што го определува мандатот на СЈО е толку егзактна и прецизна, што не гледам како би можела поинаку да се протолкува. Два и два се четири и можат да бидат пет евентуално само во сферата на „метафизиката“, но не и во реалноста.

Сосема друго прашање е дали и за кого би можело да биде обврзувачко мислењето на Врховниот суд. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на пример, смета дека Врховниот суд не може да носи одлуки за судбината на Специјалното јавно обвинителство. Точно е тоа, бидејќи за „судбината“ на СЈО ќе одлучува тој што ја создал оваа институција – парламентот, пратениците, партиите, политичарите. Министерката за правда Рената Десковска, пак, вели дека врховните судии можат да носат начелни правни мислења само кога има различна судска пракса при примена на одреден закон, а такво нешто, според неа, не постои. Хм, можеби е така…

Велам, во ред, во оваа прилика немам намера да спорам со ваквите толкувања на „надлежноста“ на Врховниот суд да го донесе конкретното начелно правно мислење и за тоа дали и за кого е тоа обврзувачко. Би имало тука што да се каже и во одбрана на постапката на седумнаесетте врховни судии, но нема да трошам време и простор за тоа, бидејќи таквата дебата не е пресудна за суштината на нештата – дури и да сакаме, ние не можеме да избегаме од прашањето дали оваа екстензија на мандатот на СЈО што е на дело, е правно заснована (јас мислам дека не е) и дали таа ја засилува, или сосема обратно, ја поткопува позицијата на оваа институција (јас мислам дека ја поткопува).

Моето лаичко мислење – кое не е ни „начелно првано“, а најмалку „обврзувачко“ – е дека се пропушти златна шанса, со посебен закон, по истекот на спомнатиот рок, надлежностите на СЈО да се префрлат во Обвинителството за организиран криминал или во друг (нов) оддел во рамките на постоечката архитектура на нашиот обвинителски систем. Сега, се плашам дека ова начелно правно мислење на Врховниот суд, токму како и цврстата „усогласеност“ на судската пракса што ја прифаќа екстензијата на мандатот на СЈО, утре би можеле да бидат сериозна основа обвинетите и осудените во предметите што ги води тимот на Катица Јанева многу сериозно да ги оспорат судските постапки, евентуално и пресудите. Патем речено, да не заборавиме и на тоа дека борбата за правда не завршува секогаш во границите на Македонија и дека постојат меѓународни судски инстанци кои се грижат да не бидат повредени човековите права на граѓаните во сите европски земји.  Едно од тие важни човекови права е и правото на фер и непристрасно судење.

Во мојата новогодишна колумна посакав среќна и праведна нова година. Не случајно инсистирав на праведна, бидејќи борбата за воспоставувањето доследен систем на владеење на правото ќе биде една од најтешките реформи што ја чекаат новата власт. Формирањето на СЈО беше неопходен „инцидент“, за да се справиме со еден страшен, сериозен удар на крупниот криминал врз Македонија. Но, тој инцидент не е реформа. Задачата да се реформира целиот правосуден систем е многу посериозна од одлуката да се изберат три обвинителки, да им се даде статусот „специјални“, да се поткрепат со политичка и меѓународна поддршка и да се опсипаат со медиумска поддршка и љубов, која од „трите грации“ направи своевидни локални фолк-ѕвезди (ќе речев рок-ѕвезди, ама дамите не се нешто по рокот).

А и како што загатнав пред некој ден – добро е, другарки и другари, видовме како се справувате со корупцијата и со криминалот од минатото (не баш сјајно, де), но сега е редно да видиме и резултати во борбата со овие зла во сегашноста, а пред сѐ во вашите редови. Тоа ќе биде вистинскиот предизвик на реформите во судството.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...