Одлуката која ја донесе мнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација дека поранешниот премиер, а сега осуден, Никола Груевски, е дискриминиран во судската постапка за набавката на мерцедесот од страна на судот и судијката Добрила Кацарска, е политичка, тврдат двајца од членовите на Комисијата кои се противеле на ваквата одлука.
Во издвоено мислење кое тие го објавија согласно статутот на Комисијата, членовите Ирфан Дехари и Беким Кадриу, ги образложуваат причините зошто не се согласуваат со ставот дека Груевски е жртва на дискриминација. Пред се тие наведуваат дека одлуката е донесена на седница во понеделник (5 ноември 2018), а не во четврток кога вообичаено се одржуваат седници.
Веројатно, наведуваат тие, мнозинството се брзаше да донесе мислење во полза на подносителот.
„Во мислењето на мнозинството, проблематична е особено основата на дискриминација. Дискриминацијата секогаш се случува врз некоја основа, како етничка припадност, пол, род, попреченост, сексуална ориентација, возраст, семеен статус, здравствен статус и сл. Мнозинството на Комисијата за заштита од дискриминација смета дека постои директна дискриминација врз основа на „личен и општествен статус“ на подносителот на претставката…“ пишува во издвоеното мислење додавајќи дека сепак, мнозинството со ништо не докажува дека поради таквиот „статус“ Груевски има понеповолен третман.
Овој „статус“, наведуваат Дехари и Кадриу, мнозинството во Комисијата само го користи за да утврди дискриминација знаејќи дека нема друг основ.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI