Давањето свечени изјави на новоизбраните членови на Државната изборна комисија (ДИК) пред претседателот на Собранието на Република Македонија што беше закажано за денеска е одложено.
Во соопштението од собраниската прес-служба не е наведена причината за одлагањето, ниту пак, кога ќе се дадат свечените изјави.
Во ново соопштение, од Собранието информираа дека давањето свечени изјави новите членови на ДИК ќе се одржи на 30 јули (понеделник) во 10 часот.
Привремениот шестмесечен состав на ДИК беше избран со 100 гласа „за“ експресно и без дискусија на 56. седница која се одржа во средата вечерта, по договорот што го постигнаа политичките партии и лидерите на средбата во понеделникот.
Претседател на ДИК е Оливер Дерковски предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а Дитмире Шеху од ДУИ потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата.
Со формирањето на ДИК се создадоа услови за организирање на најавениот есенски референдум за името.