Одете и во Дубаи, но запознајте ја и Македонија

Додека планинарев низ сите овие изминати години, два пати ми се случило да посведочам смртни случаи на мои колеги, вели планинарот, кој ги советува младите да пешачат, за да не заборават да одат.

533

Одете и во Дубаи, но запознајте ја и Македонија. Ова го препорачува 76-годишниот Симон Сенокозлиоски од Прилеп. За себе вели дека е редовен планинар 15 години а се движел и претходно, но не во планинарско друштво. Сега е член на планинарското друштво „Картуш“.

– Најголемо задоволство ми претставуваше планината. Сум слушал за некои места и сакав да одам јас. Едно е да слушаш за тие места, а друго е да отидеш и да ги видиш. На овој начин всушност ја истражувам Македонија. Многу од луѓето не знаат какви убавини има Македонија. Ако се почне со планинарење ќе се видат многу убавини – вели Сенокозлиоски.

По професија е електричар, иако сега е во пензија. Го прашавме на шега да не има вградено некое моторче, бидејќи иако е во третата доба, по козјите патеки ита како дете.

– Секогаш сум меѓу првите кои стасуваат до целта. Имам тактика и динамика во одењето – појасни тој.

Започнал да истражува на средни години бидејќи претходно вели бил зафатен со фамилијата и со професионалните обврски. Тој вели дека никогаш не е доцна.

– Нема врв на кој немам појдено тука, скоро цела Македонија ја имам видено.  Пелистер ни е блиску, Титов врв, Кораб, Аџина Река, Љуботен, Зелен Брег, сите си имаат свои убавини – вели планинарот.

За својата виталност вели дека можеби генот си го носи своето.

– Можеби тоа што мојата фамилија има долг век на живеење. Мајка ми живееше 93 години, вујкото 97 години, па можеби генот си го носи своето. Јас не можам да кажам колку ќе изживеам – вели и додава дека нема таен договор со Господ.

Тој вели дека ќе планинари до последен здив и дека се храни здраво.

– На месото не сум голем љубител. Многу мала количина храна јадам. Од најубавото јадење можам да оставам половина и да се чувствувам сит. Ем штедам, ем сум здрав. Се движам цел ден, саат време во денот не седам – ни одговори тој на прашањето што да се јаде за да се постигне неговата виталност.

Сенокозлиоски додаде дека на планина се случуваат и весели работи, но и трагедии.

– Човек да појде на свадба па може да му се случи нешто. Додека планинарев низ сите овие изминати години, два пати ми се случило да посведочам смртни случаи на мои колеги – вели планинарот.

Тој ги советува младите да пешачат, за, како што вели, да не заборават да одат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...