Најновиот број на „Скопско Ехо“ веќе се дели низ македонската метропола, една од ударните теми е: Јубилеен 100-ти број.
Секој читател кој во своите раце го има денешниот број на „Скопско ехо“ е дел од едно заедничко големо празнување на единствениот бесплатен весник во Скопје и Македонија. Со ова издание, нашиот и ваш неделник по јубилеен, 100-ти пат, се среќава и појавува со и пред своите читатели. Многумина се сомневаа дека ќе преживееме издавање на само 5 броја, но еве денеска со рекорден тираж од 100.000 примероци покажуваме дека „Скопско Ехо“ не само што преживеа, туку е и неизоставен дел од животот на многу скопјани веќе две години. Тоа не може да е мала работа, посебно не во постоењето на еден неделник кој припаѓа на семејството на печатени весници кои се потешко опстојуваат на немилосрдниот медиумски пазар каде електронските медиуми се во прв план – информираа денеска од „Скопско Ехо“.
Мал, тричлен, редакциски тим е јадрото кој секој четврток успева да ги создава новите изданија на неделникот. Со него раководи главниот уредник Антонио Спасев, кој е со новинарско искуство од работата во „Фокус“, ТВ „Телма“ и „Дневник“, новинарот Бранко Ѓорѓевски со искуството од весниците „Вечер“ и „Дневник“, како и техничкиот уредник Антон Власов, кој работел во „Нова Македонија“ и „Време“.
Тука е секако, и цела екипа на дистрибутери кои заедно со главниот уредник, секоја среда навечер, почнуваат со дистрибуција – нагласуваат од весникот.
Неделникот се доставува бесплатно до поштенските сандачиња на граѓаните, скопјани можат и слободно да го земат на повеќе од 150 локации низ градот, а се дели и на плоштади, крстосници…
Првиот број се појави на 26-ти октомври 2016 година во тираж од 12.000 примероци, а како граѓаните почнаа да бараат примерок повеќе, така тиражот одеше во нагорна линија – 25.000, 35.000, 50.000 за јубилејниот 50-ти број, па сѐ до невидениот досега тираж за еден македонски неделник во кој е отпечатено денешното издание, информираа од „Скопско Ехо“.
Редакцијата на Плусинфо им го честита 100иот број на колегите.