Одекнаа „бомби“ за ДУИ од Чикаго, наводно биле добиени од кумановската група

Иако редовното обвинителство веднаш реагираше дека ќе испитува кој ги „фрла“ овие „бомби“, а СЈО најавуваше дека ќе ги анализира содржините, досега нема никакви резултати од ниту една институција.

10900

Осум аудио снимки осамнаа во последните 12 часа на профил на Фејсбук именуван како „El Cheka“. Некои од нив се повторуваат, па практично станува збор за шест „бомби“. Сите се на албански јазик освен една која е на македонски јазик и за која објавувачот тврди дека е помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на УБК, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.

Според објавите на профилот, ова е само почеток, а снимките наводно биле добиени од лица од кумановската група, осудени пред четири години за настаните во Куманово.

Плусинфо ја контактираше ДУИ од каде очекуваат обвинителството и МВР конечно да реагираат и да си ја завршат работата.

– МВР и Обвинителството целосно потфрлија кога станува збор за нелегално прислушуваните материјали објавувани на социјалните мрежи од лица со сомнително досие. Да потсетиме дека досега нема никаков епилог ниту од „бомбите“ кои беа објавени пред неколку години, а за кои ДУИ достави пријава до МВР и до Обвинителството. Второ, како е можно затвореници да поседуваат мобилни телефони, да располагаат со такви материјали и секој ден да ги објавуваат на Фејсбук? Што прави МВР и што прави директорот на затворот? – прашуваат од ДУИ и инсистираат на реакција од надлежните.

Во ДУИ неофицијално коментираат дека зад профилот се крие извесен Ш.А., а локацијата Чикаго од каде се објавени, е точна.

Инаку, објавувањето на вакви материјали е пракса која зачести во последните неколку месеци, иако во 2015 тоа со закон беше забрането.

Иако редовното обвинителство веднаш реагираше дека ќе испитува кој ги „фрла“ овие „бомби“, а СЈО најавуваше дека ќе ги анализира содржините, досега нема никакви резултати од ниту една институција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...