Лажните вести не поминуваат. Машините за кои потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше во настап на нервоза при телевизиското соочување со министерката за одбрана, а потоа и неговата партија се огласи, се набавени во јавна тендерска постапка при што до крај се почитувани сите законски одредби. Дури ни самиот Николовски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да најдат забелешки на било кој чекор во постапката, реагира Министерството за одбрана.
– Тој тип на машини се карактеризира со широк распон на техничките карактеристики (јачина на мотор, дополнителна опрема, ефикасност, габарит), и во зависност од тоа се утврдуваат и цените. Цената на инженериските машини за Армијата (за кои набавка немало цели 16 години) се добиени во отворена и компетитивна постапка. Таа е започната со технички дијалог, на кој му претходеше и состанок во Стопанската комора на кој ги мотивираме сите фирми да учествуват во набавката и техничкиот дијалог, при што одговоривме на сите прашања, предлози и сугестии токму во насока на зголемување на конкуренцијата. Токму поради тие наши напори, при оваа специфична набавка имавме дури 6 понуди на јавното отварање, сосема различно од искуствата за време на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
За конкретната инженериска машина – грејдер (2 парчиња) во постапката учествуваа 3 економски оператори кои беа уредно поканети на е-аукција. По е-аукцијата согласно законот беше избрана понудата со најниска цена. Во постапката немаше забелешки ниту беше обжалена од страна на било кој од понудувачите.
Очигледно лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ се во насока да предизвика забуна во јавноста и недоверба кон позитивните процеси како што е членството во НАТО, зајакнување на капацитетите на Армијата со нова опрема и модерно оружје, подобрување на условите за работа, зголемувањето на платите, надоместот за станарина итн.
Ние цените не ги формираме по телефон и со тајни разговори како „оние на М“ туку низ транспарентни, јавно објавени постапки на кои победува тој што нуди најниска цена. Тоа можеби опозицијата не може да го сфати, но тоа е почитување на законот, пишува во реакцијата на МО.