Одбраната тврди дека немало обид за убиство на Села

384

Адвокатите на седумината обвинети во случајот со обидот за убиство на Зијадин Села, сметаат дека на 27 април лани во Собранието немало обид да се ликвидира лидерот на Алијансата на Албанците.

За сите обвинети тие бараат ослободителни пресуди и во нивните завршни зборови ги оспоруваа доказите кои, според одбраната, не укажуваат дека постои кривично дело убиство во обид како што тврди обвинителството.

Дел од адвокатите на обвинетите, потенцираа и дека обвинетите ниту се познавале од порано, а уште помалку имале договор за да го убијат Села. Дел од нив ги оспоруваа и вештачењата направени од лекарите при Институтот за судска медицина бидејќи во моментов на правење на вештачењето за состојбата на Села, лиценците им биле истечени.

Дончо Наков адвокатот на Кире Георгиевски и Николче Димитриевски, тврди дека од доказите, снимките и сведочењата, нема основа Георгиевски да го товарат за обид за убиство. Можеби има друго дело, но во никој случај нема обид за убиство, дециден беше адвокатот. За неговиот друг клиент тој посочи дека исто така нема основа за делото, напротив како што наведе, во обвинението има само една реченица за Димитриевски.

Адвокатката на Андреј Мицов, кој се сомничи дека е едно од лицата кое во Собрание било со фантомка, посочи дека обвинителство прво не се потрудило со сериозни докази да докаже дека тоа е всушност Мицов, а понатаму во нејзините завршни зборови меѓу другото кажа и оти од видео снимките не се гледаат конкретни удари од лицето со фантомка кон Села.

Ослободителна пресуда побара и адвокатот на Александар Јаневски Тошта кој според обвинението му подал рака на Села додека тој клечел меѓу групата пратеници, му помогнал да стане и го предал на напаѓачите. Тошта само му продал рака да стане, но не е тој лицето кое го извлекол Села во рацете на напаѓачите.

– По изведување на сите докази ќе побарам ослободителна пресуда. Сите сведоци и обвинети се децидни во исказите дека Тошта ги бранел нападнатите пратеници и учествувал во евакуација на Села. Во бифето го бришал од крв. Ако сакал да го убие, дали би го правел тоа? – рече адвокатот Бојан Ваневски.

Одбраната за Никола Војминовски нагласи дека тој бил во Собранието но нема никаков доказ дека имал некаков физички контакт со Села.
Сите обвинети рекоа дека остануваат на завршните зборови на нивните адвокати и дека не се чувствуваат виновни за делото обид за убиство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...