Одбраната не успеа да ја исфрли Катица Јанева од „Титаник“

424
20160212 Friday katica janeva

Судечкиот совет го отфрли барањето на одбраната во „Титаник“ специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да се изземе од предметот, соопшти судијата Осман Шабани во продолжението на денешното рочиште.

На ова реагираа адвокатите и сега бараа пак писмено решение и можност да се жалат на ваквата одлука.

Судијата, сепак, реши конечно да започне главната расправа за овој предмет.
Со низа процедурални предлози главната расправа за овој случај не можеше да започне веќе неколку месеци.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, како и неговиот поранешен шеф на кабинет Мартин Протуѓер, екс генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец Едмонд Телемко, пратеникот Илија Димовски, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Мунир Пепиќ, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...